Рождество на свети Јован Крстител
 
 
 
 
 

Рождество на свети Јован Крстител (07.07.2016 11:16)

Целата свештена историја и сите случувања, пред и за време на раѓањето на свети Јован Крстител, се икона на првиот степен од духовниот развој – очистување на срцето од страстите, како и икона на преминот од првиот во вториот степен на духовниот развој.

            Гледајте како Светиот Дух Господ сведочи за родителите Јованови, татко му – свештеникот Захариј, и мајка му Елисавета, во Светото Евангелие: И обајцата беа праведни пред Бог, постапувајќи според сите заповеди и повелби Господови без погрешка. Тие немаа деца, оти Елисавета беше неплодна; а обајцата беа веќе стари (Лука 1, 6–7). Гледате ли, деца, ова мора да го повториме и запаметиме: постапувајќи според сите заповеди и повелби Господови, без погрешка. Посебно запаметете – без погрешка.

            Што ни покажува овој нивен подвиг? Ни покажува дека и покрај нивната голема и неостварена желба за која Го молеле Господ („зашто се услиша твојата молба“ – сведоштво дека тоа го барале), тие не го напуштиле својот подвиг пред Бог, иако обајцата биле веќе стари, па дури и со изгубена надеж во врска со остварувањето на нивната желба. Тоа се гледа во зборовите на Захариј, упатени кон архангелот Гаврил: „По што ќе го разберам тоа? Јас сум стар, а жена ми е веќе доста возрасна” (Лука 1, 18).

            Нивниот подвиг ни го покажува нивниот однос кон Бог – како однос на чеда Божји, слободен и љубовен. Бесплодно е да се држи самиот закон, сам по себе или заради самиот него, или од робовски и наемнички однос. Заповедите Божји ги исполнуваме заради Бог, барајќи Го само и единствено Него, а не заради некои од Неговите добра. Захариј и Елисавета постапуваат според сите заповеди и повелби Господови – без погрешка (како деца Божји), ама на крајот – дарот е само Божји: „Не бој се, Захариј, зашто се услиша твојата молба и жена ти Елисавета ќе роди син, и ќе му ставиш име Јован“ (Лука 1, 13).

 

Митрополит Струмички Наум

извадок од беседата „Објавување на тајната на новозаветното свештенство“