Нели сме сведоци Христови?
 
 
 
 
 

Нели сме сведоци Христови? (02.07.2016 00:20)

Да се потсетиме уште еднаш на петте точки во надминувањето на едно искушение, оти гледам дека искушенијата ги имаме, ама не гледам и дека ги надминуваме. Кога не ги контролираме гревовните мисли, чувства, зборови и постапки, односно кога знаците на нашата религиозна невроза се забележливи и за другите околу нас и кога таквото однесување ни станува пречка во личносните односи, што друго да каже човек? Исто така, не треба да заборавиме дека демонот, во мисловната борба на нашиот ум со неговиот, се обидува од што подраматично до што поапокалиптично да ни го прикаже постоечкото искушение, а не дека истото такво и реално е.

Согласно светоотечкото Предание, секое искушение, од најголемо до најмало, како и од внатрешно до надворешно, правилно го надминуваме секогаш на истиов начин: прво, го прифаќаме како допуштение Божјо, а затоа и како дар Божји; второ, Му благодариме на Бог за тоа; трето, се осудуваме себеси како заслужни за уште полошо од она што веќе ни се случува; четврто, не му покажуваме на демонот, ни на лице, ни со збор, ниту со некоја постапка дека се наоѓаме во искушение, а посебно не на луѓето околу нас (нели сме сведоци Христови); и петто, ја продолжуваме молитвата, ама не како борба против искушението, туку како градење заедница со Бог, со тоа што истовремено се молиме и за тој што нѐ повредил – и ја возобновуваме, пред сѐ, нарушената внатрешна заедница со него. Прифаќањето и благодарењето се клучниот момент во овој духовен подвиг.

Е, сега, постапуваме ли ние вака или не? Не. Од каде го знаеме тоа? Од знаците и последиците на религиозната невроза, односно од гревовните мисли, чувства, зборови и постапки што ги имаме и од нарушената заедница со нашите блиски – кои се, нели, секогаш виновни за сѐ; а да не зборувам за отсуството на плодовите од духовниот развој – просветлување на умот при срдечната молитва итн. Ова наше однесување се нарекува барање човечка правда, односно враќање на злото со зло. Така ли ќе Го сведочиме Христос? Толку ли е тешко да се сфати и освести оваа наша падната состојба? Најбитно во духовниот живот е − кога сме во прелест, барем да знаеме дека сме во прелест, а не да мислиме дека не сме. Вистински духовен отец е оној кој прелеста ни ја открива, а не оној кој ни ја потхранува.

            Барањето Божја правда е кога во секој момент од нашиот живот се трудиме да живееме како што Богочовекот Христос живеел и како што Он ни заповедал да живееме. На пример, ја бараме Божјата правда кога во моментот на некое искушение, кога некој со нешто нè повредува, после нашата прва неподобна реакција, застануваме, се преиспитуваме себеси и си велиме: „Дали сум јас сега сличен со Христос, дали постапувам како Него? Дали Христос во мојата ситуација би ги имал тие чувства, тие мисли, дали би ги кажал тие зборови, дали би го направил тоа што јас сега го правам...?“ И ако сме само малку искрени со самите себе, ќе сфатиме дека сме многу далеку од тој идеал, затоа што секако ќе забележиме во себе тенденција на враќање зло за зло – било во помислите, било во чувствата, било со зборови или со дела. Ако при секое искушение постапуваме на овој начин, секогаш ќе ја пронајдеме вината во нас – во нашата несличност со Христос. Ова е единствената здрава основа за покајание.

            Значи, ако освестиме дека и при мала повреда не сме слични со Христос и дека постои тенденција во нас на некој начин да вратиме зло за зло, тогаш логички можеме да заклучиме дека, при поголема повреда, не е чудо и злосторници да станеме – кога би имало услови за тоа. А ова е согласно и забележливо и преку помислите што нѐ напаѓаат во тие моменти. Затоа и заслужуваме и полошо од тоа што ни се случило. Но, искушенијата што Бог ги допушта да ни се случат поради нашите гревови, и тие се дозирани за наше растење, а не за наш пад.

И на крај, ова освестено самосмирување, кога се осудуваме себеси на полошо од она што веќе ни се случило, ја смирува нашата мисла подолу од она ниво на кое демонот има допуштение мисловно да нѐ нападне и сите негови напади ги прави бесплодни.

            Господи Исусе Христе, преку Пресвета Богородица, а по молитвите на свети Наум Охридски, помилуј нѐ!

Митрополит Струмички Наум