Процеси на црковна централизација и децентрализација
 
 
 
 
 

Процеси на црковна централизација и децентрализација (21.06.2016 19:38)

Организациските осцилации, во црквата како административна целина, се движат од обид за нејзина материјално-финансиска централизација (централен црковен имот и платено свештенство), па до обид за нејзина „духовно-административна“ централизација, како и обратно – сѐ до фактички административно-материјални и формални „духовни“ поделби.

Епископот е икона Христова, тој е на место и во обличје Христово, а локалната Црква што ја предводи и возглавува е Црква во сета своја полнота на Божји дарови потребни за спасение на секој човек. Локалната епископална Црква во Светата Литургија е вистинското воскреснато и вознесено Тело Христово, кое благодатно ги вклучува во себе сите верни и сегашни, и минати, и идни. Локалната Црква, собрана околу својот епископ на Светата Литургија, е единственото реално и видливо присуство на Царството Небесно во светот.

Од реалната и видлива литургиска структура на Црквата произлегува и нејзината црковно-административна структура. Затоа, никаква административно-црковна натструктура на власт, како управувачка сила над епископот – кој е икона Христова, не може да се случи, а истовремено тоа да не е воведување ерес во пракса и напуштање на православната еклисиологија. Или, едноставно речено, каков било модел (теоретски и практичен) на управување над епископот – како икона Христова, е невозможно да се измисли а да не е ерес.

Како управувачка би се сметала онаа сила која наместо епископот би одлучувала во локално-соборната Црква – која тој ја возглавува, или би го претставувала и би гласала наместо него во поширокото административно уредување на Црквата. Од друга страна, одлуките што би ги донесувала натструктурата на власт би биле обврзувачки за епископот, иако тој не учествувал во нивното донесување или бил само декор. Вакво централистичко тежнеење отсекогаш постоело.

Пројавите на ова централистичко тежнеење се лесно забележливи во реалниот живот на  административно-помесно организираните цркви, во додатоците на текстот од Светата Литургија или, на пример, во правно-формалното регулирање на статусот на автономната црква каде што: двете средства што се користат за надзор на епископот врз своето свештенство – варењето свето Миро и спомнувањето на името на епископот на богослужбите, централизацијата сака да ги наметне како средства на контрола над административно-помесно организираните цркви.

Основа на централистичкото тежнеење и пракса е немањето внатрешно духовно покритие за позициите што во црквата се држат. Според критериумите на светите Отци, ѓаконот треба сигурно да чекори по патот на очистување на срцето од страстите, презвитерот треба да е просветлен, а епископот обожен.

Оној што својата лична позиција кон другите во црковната организација ја гради врз основа на само административна и друга световна сила, а не врз основа на духовен авторитет, кон послабите и потчинетите ќе биде тиранин, а на посилните – во световна смисла, ќе им биде слуга. Оттука па натаму, процесите на централизација и децентрализација во црковното организирање лесно можат да се предвидат – секако, не превидувајќи го факторот на Божјата промислителна интервенција, во времето.

За жал, тоа е она што се случува откако веќе ќе се одрече тајната на светата Педесетница, односно принципот на Богочовечкото содејствително управување во Црквата, во корист на само едната страна – нормално, човечката. „Теологијата“ што ова однесување го оправдува, како и бесплодните теологизирања отпосле, се само празен изговор.

Господи Исусе Христе, преку Богородица, помилуј нѐ!

Митрополит Струмички Наум