Искушенијата се соодветни на духовниот развој
 
 
 
 
 

Искушенијата се соодветни на духовниот развој (12.06.2016 08:47)

Откако видовме, преку очите на светите Отци, дека Мајката Божја е смисла и причина на сѐ што е од Бог создадено и откако се уверивме дека правилниот однос кон Неа е мерило на православната побожност – затоа што секој дух кој го негира воплотувањето на Синот Божји,  како и последиците од тоа воплотување, не е од Бог, туку е од антихристот – сега да се вратиме на нашата душеполезна тема за видовите религиозни растројства и нивните пројави.

Знаеме дека Бог не допушта искушение поголемо од нашите сили. Тоа значи дека на трите различни нивоа (степени) од духовниот раст (очистување на срцето од страстите, просветлување на умот – со умно-срдечна молитва, и обожение) ни се случуваат соодветни искушенија, но не заради пад (иако таа можност секогаш е многу реална, па и се случува), туку најчесто или заради наше отрезнување или заради наше духовно восовршување.

На првото ниво, кога нашето срце сè уште е заробено од страстите, демонот може да  нападне однатре, затоа што има слободен пристап (преку страстите) до него, но само со интензитет на предизвикување гревовни помисли, а со тоа и гревовни чувства (вознемиреност, ладење на љубовта, осветољубивост итн.), како и на гревовни желби. На ова ниво, условно речено, сѐ уште сме дел од светот и сѐ уште ги преживуваме остатоците од религиозната невроза. Посебно треба да се воздржуваме од гревови со збор и на дело.

На второто ниво, кога нашето срце е доволно очистено од страстите, демонот не може да нападне однатре, односно поради чистотата на срцето таквиот вид напад не му е доволен за да предизвика пад, и затоа тогаш нападот го предизвикува преку луѓе кои се робови на своите страсти, а несвесни дека се поттикнати од него. На ова ниво не сме повеќе дел од светот. Да бевте од овој свет, тогаш светот ќе го љубеше своето [немаше да ве напаѓа]; но бидејќи не сте од светот, туку Јас ве избрав од светот – затоа светот и ве мрази (Јован 15, 19).

Нападот преку луѓе е пореален и секогаш доволно силен за да го разбуди и поттикне недопреобразениот дел од страстите на срцето и да создаде услови за наш пад (на пример, наместо помисла за човечка власт и слава – реална гревовна понуда за човечка власт и слава, наместо помисла за имот и пари – реална гревовна понуда за имот и пари, наместо помисла за телесни задоволства – реална гревовна понуда за телесни задоволства). Видливиот напад преку луѓе, иако на почетокот е насочен кон поттикнување на сите недопреобразени страсти во нас, на крајот, откако нема да успее, секогаш се сведува на јавно непријателство и омраза. Ова е неопходен стадиум низ кој мора да помине секој подвижник на умно-срдечната молитва, кој одговарајќи со љубов на секое непријателство, се удостојува со дарот на премин од просветлување кон обожение, односно од аскетско умно-срдечна кон непрестајна умно-срдечна молитва.

Ако Бог преку Својата Промисла не ги дозираше на овој начин искушенијата, никој немаше да види ни самоспознание, ни восовршување, ни спасение. А ако пак, некој војува, сепак венец не добива, бидејќи не се борел според правилата (2. Тим. 2, 5). Нормално, оној што нема да го восогласи начинот на својот живот и подвиг согласно степенот на духовниот развој на кој се наоѓа во Црквата, таквиот нема да стигне ни до првото ниво на духовен развој и нема да ги види плодовите на Светиот Дух, а многу е можно само душевно да се доразболи.

На пример, доколку некој (од параноидна егзистенционална позиција) тврди за себе дека е маченик, само врз основа на тоа дека луѓето го прогонуваат, а истовремено ги нема соодветните дарови на Светиот Дух – како што е барем умно-срдечната молитва, односно просветленоста на умот, таквиот подобро да се запраша каков непромислен потег направил, на очиглед на црковната заедница или на општеството, за тоа да му се случи, отколку таква делузивна идеја на величина да негува за самиот себе, односно јавно да се самопромовира како таков. За жал, неговото патолошко однесување како завист, уценување, заканување, клеветење, лажење, осветољубивост, насилност итн., е видливо за сите освен за него самиот. Оваа прелест, во зависност од позицијата на болниот во Црквата, се нарекува религиозна социопатија или психопатија, односно религиозно растројство на образот Божји во човекот.

Наравоучение: православната психотерапија прави разлика меѓу искушенија што ни се случуваат затоа што душевно оздравуваме или сме доволно здрави, од искушенија што ни се случуваат затоа што душевно се разболуваме или сме душевно болни.

Господи Исусе Христе, преку Богородица, помилуј нѐ!

 

Митрополит Струмички Наум