Сладост и бол; бол и сладост
 
 
 
 
 

Сладост и бол; бол и сладост (22.05.2016 11:37)

(Вовед)

 

Согласно современата психолошка терминологија, противприродниот начин на живот го делиме на неврози, растројства на личноста (психопатија, социопатија) и психози. Секое од овие душевни заболувања си имаат своја внатрешна градација – од полесни кон потешки облици. Основа на сите душевни заболувања, согласно православната психотерапија, се непреобразените и неисцелени страсти за човечка слава и власт (славољубие), за пари и имоти (среброљубие) и телесни задоволства (сластољубие).

Неврозата, главно, е болна состојба на душата при која човекот, во помала или поголема мера, не ги контролира своите гревовни мисли и чувства, односно чувства или мисли – во зависност од заробеноста од страстите. Ова е најлесниот степен на невроза.

Потежок степен на невроза е кога човекот, покрај мислите и чувствата, во помала или поголема мера, ја губи контролата и над тоа што ќе го изговори (над својот говор, над своите гревовни зборови). А најтежок степен на невроза е кога човекот, покрај горенаведеното, во помала или поголема мера, ја губи и контролата над своите гревовни постапки (над своите дела).

Губењето на контролата над самите гревовни зборови и дела е веќе алармантна состојба, како за самиот душевно болен така и за непосредното опкружување, дека е крајно време да се преземат соодветни мерки. Едноставно кажано, болната душевна состојба станува видлива, а таквиот човек веќе треба сериозно да ги лечи и преобразува своите страсти.

Ако не се преземат соодветни мерки во овој клучен момент, тогаш постои опасност невротичните испади и кризи, пропратени со постојано повторување, на збор и со дело, да прераснат во навика, односно во втора (болна) човекова природа. Тоа се моменти кога може да се смета дека, според православната психотерапија, неврозата преминува во потежок облик на душевно разболување, а тоа е растројството на личноста (психопатија или социопатија).

Согласно опитот на православната психотерапија, психопат е оној душевно болен човек кој главно му наштетува на своето непосредно опкружување, освен ако поради неговата болна душевна состојба не биде регрутиран да причини некое поголемо општествено зло. Социопат е оној душевно болен човек кој поради својата висока општествена позиција има можност да им наштети на голем број луѓе на локално, регионално или глобално ниво. Тоа се најчесто јавни личности од шоу-бизнисот, како и бизнис, политички и религиозни лидери.

Главна заедничка карактеристика на психопатите и социопатите е нивната бесчувствителност. Инаку, психопатите полесно се лоцираат поради нивната непосредна јавна агресивност, додека пак, социопатите, вообичаено изгледаат нормални, и јавно и лично не се компромитираат како агресивни, но според нивните дела, кои се со општествено разорни последици, лесно се препознатливи. Постојат и разни меѓу состојби.

За психозите накратко. Ако нема физиолошка основа за психозата (ендогени психози како процесуални заболувања), тогаш се работи за свесно и дефинитивно определување на човекот да му служи на злото, болна душевна состојба која, со јазикот на Црквата, се нарекува демонизираност, опседнатост или ѓавоиманост.

Главна мотивација при извршувањето на гревот или задоволувањето на страстите е гревовната сладост, односно наслада. Дар Божји за човеково оттргнување од гревовните наслади е болката што секако следува потоа. Но, наместо грешникот да се покае, тој во незнаење се обидува со повторена или поголема гревовна наслада да ја потисне освестувачката болка и на тој начин продолжува неговото душевно разболување. Сосема различно од аскетската болка при преобразувањето на страстите и освестувачката благодатна сладост што следува при духовниот развој на личноста, под надзор на духовниот отец – психотерапевт.

Пресвета Богородице, спаси нас!

Митрополит Струмички Наум