Божествена Литургија во Водоча
 
 
 
 
 

Божествена Литургија во Водоча (15.05.2016 10:55)

Не бидете неверни, туку верни

 

Колку повисока цел ќе си постави човекот, толку повеќе ќе достигне. Ова се однесува и на нашиот духовен живот и подвиг, односно духовен развој. Господ сите нѐ повикува кон остварување на највисоката цел: „Бидете совршени како што е совршен вашиот Отец Небесен“ (Матеј 5, 48). Значи, не треба да бидеме задоволни само со тоа дека веруваме во Господ, туку треба да се стремиме и кон познанието на Бог за, од опит на заедница со Него, да Го знаеме.

Кон тоа нѐ упатува и примерот на светиот апостол Тома, кој рекол: „Дури не ги видам раните од клинците на рацете Негови, и не го ставам прстот свој во раните од клинците, и не ја ставам раката своја во ребрата Негови, нема да поверувам“ (Јован 20, 25). Овие зборови не треба да се толкуваат како негово неверување, туку како желба за посовршено знаење и познание на Бог, а кое произлегува од посовршена заедница со Него.

Зошто неговото однесување не може да се толкува како неверување? Зашто тој е истиот Тома кој пред Лазаревото оживување им вели на Христовите ученици: „Да отидеме и ние да умреме со него“ (Јован 11, 16), но уште поважно – тој е истиот Тома кој заедно со другите Апостоли, по Воскресението, со аскетска вера, смирено го очекува Христовото повторно јавување пред нив; и го дочекува како дар на благодатна вера и познание на Бог.

Христовите зборови: „Дај го прстот свој овде и види ги рацете Мои; дај ја раката своја и стави ја во ребрата Мои; и не биди неверен, но верен!“ (Јован 20, 27), може да се споредат со разликата меѓу аскетската и благодатната вера. Аскетската вера се сведува на тоа да се принудуваме да веруваме дека Бог постои („Верувам, Господи, помогни му на моето неверие“ – Марко 9, 24), а благодатната вера е кога ние од опит на заедница со Него имаме знаење и познание за Него („Господ мој и Бог мој!“ – Јован 20, 28), како и препознавање и прорекување на идните случувања.

Истите зборови значат и дека оние што не Го познале Христос од опитот на умно-срдечната молитва, Он ги сместува во категоријата луѓе со аскетска вера, на оние што се принудуваат со вера и надеж да живеат според правилата на верата, но кај кои е можно и отпаѓање од верата ако не изградат синовски однос кон Бог, односно кај кои е можно и неверство. Неверство е невосогласувањето на начинот на нашиот живот со степенот од духовниот раст на кој се наоѓаме; изразит знак, на пример, во последно време е занимавање со политикантство. Голема прелест...

А зборовите: „Тома, ти поверува, оти Ме виде; блажени се оние кои не виделе, а поверувале!” (Јован 20, 29), значат едноставно дека оние кои не Го виделе Бог од опит, а кои сепак, ќе претрпат докрај – обидувајќи се да изградат синовски однос кон Бог, ќе се спасат, и затоа се блажени, а дека Тома е свет.

„И многу други чудеса изврши Исус пред учениците Свои што не се запишани во оваа книга. А овие се запишани за да поверувате дека Исус е Христос, Син Божји, и верувајќи да имате живот во Неговото име“ (Јован 20, 19–31). Сум ви кажал и другпат дека секој настан од Домостројот Божји на нашето спасение, опишан и во светото Евангелие, се случил заради наше утврдување во верата и заради наше спасение. Тоа значи дека Евангелието не е напишано за да ја испитуваме верата на апостол Тома – тоа не е во наша власт, туку да ја испитаме и провериме нашата сопствена вера на неговиот пример и да се покаеме – што е во наша власт.

Објаснивме дека барањето на светиот апостол Тома да ги допре раните на Господ не е неверие, туку легитимно и спасително барање на човековата душа да Го познае Бог од опит, а не од прераскажување на другите. Другите нека си прераскажуваат прикаски колку што сакаат, за нас е од суштинско, битијно значење да Го познаеме Бог од опит; зашто интелектуалното знаење за Бог не ни носи сигурно спасение, а камоли совршенство, туку може да донесе гордост и поделби, додека, пак, знаењето што произлегува од опит на заедницата со Бог, во нашето срце, ни носи смирение и единство.

Пресвета Богородице, спаси нас!

Митрополит Струмички Наум