Зошто жени?
 
 
 
 
 

Зошто жени? (07.05.2016 23:00)

Жените мироносици ни го покажуваат патот. Не знам јас, нив Самиот Господ ни ги предочува за пример. После повторно ќе се најде некој да праша, зошто жени...? Но, доста за ова. Прашањето е: како да достигнеме до таква внатрешна основа што ја овозможува постојаноста и непоколебливоста во служењето на Богочовекот Христос каква што гледаме кај жените мироносици?

            Некои ќе речат дека љубовта е најважна на овој пат, некои ќе речат верата, а некои – волјата. Не би зборувал меѓу нас за љубовта, затоа што за неа, во полна смисла на зборот, се зборува меѓу совршените, на пример, меѓу жените мироносици. Не би зборувал ни за верата, затоа што таа, на почетокот, се подразбира. Би зборувал сега само за волјата – таа ни е потребна од почетокот на духовниот живот, па сè до неговото восовршување. Како што приближно вака рекол некој: Волјата е таа што го прави свети Антониј поголем пред Бог од другите монаси од тоа време и од нас денес, додека по сè друго тој е сличен на сите нас. Волјата насочена кон извршување на Божјите заповеди без оглед на тешкотиите кои притоа ги сретнуваме е таа која од робовите и наемниците – според односот кон Бог, прави чеда Божји. Но, во кој случај и кога треба да се принудиме и цврсто да ја пројавиме оваа волја?

            Сите знаеме дека на почетокот од нашиот духовен живот Божјата благодат отворено и јасно нè поткрепува во подвигот, и тогаш сè ни изгледа лесно – и молитва, и пост, и послушание, и љубов. И сите се здобивме со опитот дека таа потоа се сокрива од нас, или скриено нè поткрепува во подвигот, и понатаму сè ни изгледа безнадежно тешко. Слично нешто се случува и на степенот на просветлување. Благодатта знае толку силно да се пројави во срцето и толку силно да го привлече умот кон себе така што, без оглед на тоа што човек прави или што се случува околу него, молитвата однатре да тече. И благодатта знае толку многу да се скрие, што одеднаш многу важни стануваат и некои надворешни услови и помошни методи за остварување на умно-срдечната молитва, како што се: тишина, осамено и темно место, ниско седење, восогласено дишење и друго – на кои човек претходно не обрнувал внимание. 

            Битно е за нас дека Господ ни ги дава овие периоди на сокривање на благодатта Божја за наше духовно растење и восовршување. Секогаш кога ќе го напуштиме подвигот во периодот кога благодатта се крие, ние постапуваме како наемници и трговци. И, обратно, секогаш кога ќе го продолжиме подвигот во периодот кога благодатта се крие, ние постапуваме како чеда Божји. Овие периоди можат да бидат пократки и почести, обично на почетокот од нивното појавување. И, овој период може да биде и долг, обично при крајот на подвигот на одреден степен од духовниот развој. Ви говорам за она сокривање на благодатта што се случува за наше растење, а не за напуштањето на благодатта што се случува поради нашите гревови. А, пак, за да го постигнеме континуитетот во нашиот подвиг, најмногу ни помага нашата волја поттикната од нашиот ум, од нашиот духовен разум. Значи, треба да се принудиме самите себе преку нашата цврсто пројавена волја да продолжиме со соодветниот подвиг и во периодот кога благодатта сокриено дејствува во нас, без оглед на тоа колку време ќе трае тоа.

            Сакам уште нешто да ви кажам како утеха за крај. Кога ќе видите дека продолжува периодот на сокриено дејствување на благодатта и кога сè ви станува многу тешко, а вие, сепак, не го прекинувате вообичаениот и соодветен подвиг, па дури и го зголемувате, знајте дека сте на крајот од духовното растење на своето ниво. Континуитетот на подвигот во подолг и исклучиво тежок период на сокривање на благодатта е знак дека преминот од еден на друг степен од духовниот раст е многу блиску. Прекинувањето на подвигот во периодот кога благодатта се крие од нас е знак дека сè уште живееме како наемници и дека сè уште нема да го добиеме она што им следува на децата Божји, на вистинските и законити наследници на преданието на нивниот Небесен Отец. Жените мироносици, заедно со Богородица, први ја слушнаа веста за Христовото воскресение и први Го допреа Воскреснатиот Богочовек.

Митрополит Струмички Наум