Зарем не гореа срцата наши?
 
 
 
 
 

Зарем не гореа срцата наши? (03.05.2016 13:37)

А кога седеше со нив на трпеза, зеде леб, го благослови, го прекрши и им подаде; тогаш им се отворија очите и тие Го познаа; но Он стана невидлив за нив. И си рекоа еден на друг: „Зарем не гореа срцата наши кога ни зборуваше по патот и кога ни го објаснуваше Писмото?“ (Лука 24, 30–32).

          Знаете дека срцето е центар на сите наши душевни и телесни сили. Што е најважно, суштината на нашиот ум се наоѓа во нашето срце. Свети Макариј вели: „Срцето е господар и цар на целиот телесен организам, и кога благодатта ќе го заземе подрачјето на срцето, таа владее со сите негови делови и со сите негови мисли. Зашто во срцето живее умот, и сите мисли на душата, и нејзиното исчекување на идните добра“.

            Светите Отци Го послушаа Богочовекот Исус Христос, Кој вели дека од срцето излегуваат зли помисли, убиства, прељубодејства, блудства, кражби, лажни сведоштва, хули, и дека сето тоа го осквернува човекот (види: Матеј 15, 19–20), како и тоа дека најнапред треба да ги очистиме чашата и чинијата однатре за да бидат чисти и однадвор (види: Матеј 23, 26), и започнаа да се подвизуваат, пред сè, во чувањето на срцето. Затоа и до ден-денес од личен опит можат да ни сведочат дека преку чувањето на срцето лесно се стекнува и секоја друга добродетел, а дека без тоа никој не може да се утврди во ниту една.

            Но, што е нашиот личен темел за овој подвиг? Што друго ако не благодатта на Светото Крштение. Свети Дијадох Фотикиски вели: „Благодатта го крие своето присуство во оној што е крстен, чекајќи душата да ја посака. Кога, пак, целиот човек наполно ќе се сврти кон Бог, тогаш во неискажливо доживување благодатта открива дека е присутна во срцето. (...) Ако човекот почне да напредува држејќи се до заповедите и неуморно повикувајќи го името на Господ Исус Христос, тогаш се разгорува огнот на божествената благодат до крајните граници на срцето, спалувајќи го јасно и видливо целиот какол на земјата на човековото битие. (...) Од нас се бара во внатрешноста на умот (кој во себе се притеснува) непрестајно да изговараме (’Господи Исусе Христе...‘). Притоа, тој не треба да скита во никакво мечтаење“.

            Но, ова разгорување на огнот, кое го спомнува свети Дијадох (како и другите Отци), има свој почеток, средина и крај во зависност од тоа на кое ниво од својот духовен развој се наоѓа човекот.

            Да го проследиме најнапред кажувањето на свети Теофан за разгорувањето на првото ниво, додека при молитвата уште се случува чистењето на енергијата на умот: „...на почетокот вниманието се задржува во срцето и, со напрегање на волјата и со својата сила, ја раѓа топлината во срцето. Таа топлина потоа го одржува вниманието без особено напрегање. Потоа, тие меѓусебно се поттикнуваат и мора да пребиваат во нераздвојност, бидејќи расејувањето на вниманието доведува до намалување на топлината, а намалувањето на топлината – до слабеење на вниманието. Оттука произлегува законот на духовниот живот: ’држи го срцето во чувство кон Бог, и секогаш ќе пребиваш во сеќавање на Бог‘. Оваа мисла на едно место ја изрекол свети Јован Лествичник“.

            Внимавајте на две работи. Прво, на ова ниво уште не станува збор за духовна, туку за обична телесна топлина, која помага да ја стекнеме духовната. И второ, за кое било ниво да станува збор, никогаш за време на молитвата вниманието не треба да се насочи кон топлината, ниту пак, кон што било друго освен кон Оној на Кого Му се принесуваме. Aко некому му се случи ова второво, таквиот нека знае дека тоа е сигурен начин да не ја добие или привремено да ја изгуби веќе добиената молитва на срцето.

            Што велат светите Отци за горењето на огнот, односно за духовната топлина кај оние што се наоѓаат на второто ниво, коишто веќе го добиле дарот на умно-срдечната молитва?

            Прво да го слушнеме свети Дијадох: „Оние што ова свето и преславно име непрестајно мислено го држат во длабочините на своето срце, ќе бидат во состојба да ја видат светлината на својот ум (т.е. јасноста на мислите или одреденото сознание за сите внатрешни движења). Освен тоа, доколку ова прекрасно име со поголемо внимание се држи во мислите, забележливо ја спалува секоја нечистотија што се појавува во душата. Затоа што, според зборовите на апостолот, нашиот Бог е оган што го спалува секое зло (види: Евр. 12, 29). Затоа Господ ја доведува душата до голема љубов кон Неговата слава. Задржувајќи се во топлото срце преку сеќавањето на умот, преславното и многу посакувано име во нас создава навика Неговата благост да ја љубиме бескрајно. Имено, тогаш повеќе нема ништо што би претставувало пречка. Тоа е оној скапоцен бисер што се стекнува со продавање на сиот имот. И [човекот] стекнува неискажлива радост што го нашол (види: Матеј 13, 46)“.

            А потоа и свети Теофан: „Кога срцето ќе ви се загрее од божествената топлина, ќе започне вашето внатрешно преобразување. Тој оган ќе изгори и ќе растопи сè во вас. Кажано со други зборови, ќе започне сè да одухотворува, сè дури сосема не ве продухови. Сè додека не се појави тој оган, нема да има одухотворување, колку и да се напрегаме кон духовното. Значи, целата работа сега е во тоа како да го добиеме тој оган. И, ве молам, да го насочите целиот свој труд кон тоа“.

            За третото ниво – обожението, односно за преминувањето на топлината во светлина, која пак, го преобразува и просветлува целото тело, нема потреба да зборуваме сега. Само сакам да ви посочам едно сведоштво на свети Григориј Палама: „Дури и телото учествува во благодатта што дејствува на умот, па и тоа се врти кон него [умот], примајќи и самото од ’непоимливите тајни на душата‘. Тогаш телото станува ’на необичен начин прозрачно и топло‘, т.е. ја чувствува чудната топлина што следува по созерцанието на Светлината. Слично се случува со свеќата: кога ќе се запали, нејзиното тело, односно восокот, истовремено е топло и просветлено“.

            Гледате, срцата на Апостолите гореа однатре уште додека Христос им говореше по патот („вие сте веќе чисти преку словото што сум ви го проповедал“ – Јован 15, 3), но очите им се отворија дури при прекршувањето на лебот. Господ јасно ни ја предочува Светата Тајна Евхаристија, односно Црквата како единствено место, а и време, на дарот на боговидението и на богопознанието.

 

Митрополит Струмички Наум