Тајната вечера – Царство Небесно пред Царство Небесно
 
 
 
 
 

Тајната вечера – Царство Небесно пред Царство Небесно (27.04.2016 23:40)

Во почетокот е Тајната вечера. Бог ја прима нашата словесна и бескрвна жртва во наднебесниот Свој жртвеник. Ние Му се принесуваме, а Бог нѐ прима откако претходно прв ни се принесе. Воскресение пред Воскресение. Педесетница пред Педесетница. Веќе и уште не. Сѐ преку неа постана и без неа ништо не стана, од тоа што постана, во Црквата. Во неа има живот и животот е светлина на луѓето. И светлината во темнината свети и мракот не ја опфаќа. Ниту ќе ја опфати. Евхаристија – бескраен беспочеток. Царство Небесно, благословено.

            Што да напише човек за Тајната вечера, а истовремено да не пишува и за содржината на својот живот, барем таков каков што би требало да биде? Или, каков живот човек живее ако истиот не е Благодарење? Нема разлика меѓу Евхаристијата и нашиот живот, или ако има – немаме живот. Односно, колку поголема е разликата меѓу содржината на Литургијата и содржината на нашиот живот, толку повеќе тој е бессодржаен.  

            Тајната вечера. Непрекинлив источник на сила, живот и сведоштво. Црпиш сила од неа и со своето присуство ја живееш и ја сведочиш; и надвор од неа. Мислиш и истовремено богомислиш. Словиш и славословиш. Делаш Домострој. Мислата, словото и делото немаат суштинска разлика, во неа. Сѐ, во неа, повторно принесуваш. Љубиш и не бараш, а најмногу добиваш – Него. Слобода и Љубов. Секогаш сам и никогаш осамен. Личност и Заедница.

            Благодарење. Тајна што постојано ја преоткриваме. Непроценлив дар, незаслужен. Дело Христово во кое постојано се учествува, иако само еднаш се случи. Соборно сведоштво во личен подвиг подготвено. Принос пред олтарот во храмот и состојба на умот пред олтарот од своето срце. Извор на слово во сила, кое повторно и повторно го обновува светот.

            Велиш: „ангел на мирот“, и секој човек е посетен. „Чувар на нашите души и тела“, и секој демон отстапува – додека не биде повикан. „Простување и разрешување“, и секој грев е простен – додека повторно не биде направен. „Сѐ што е добро и полезно за нашите души и тела“, и сѐ на добро се менува – додека ние не го промениме, по наше. Божјо слово извршно.  Божествено Пресоздавање.

            Ако некој праша – како тоа? Ќе му одговориме: од Богородица и Приснодева Марија родениот, Богочовекот Исус Христос, Чие слово не останува без сила, е Оној Кој принесува и се принесува, Кој прима и се раздава. Само Нему слава Му вознесуваме со Беспочетниот Негов Отец и со Пресветиот и благ и животворен Негов Дух, сега и секогаш и во вековите на вековите. Амин.   

            Во чест на Преблагословената и славна Владичица наша Богородица и Приснодева Марија, преку Која, прими ја оваа Наша жртва, Боже, во наднебесниот Твој жртвеник.

 

Митрополит Струмички Наум