Дали Христос и за мене плаче?
 
 
 
 
 

Дали Христос и за мене плаче? (26.04.2016 08:44)

Евангелието за Лазаревото воскресение, иако тоа е повеќе будење или оживување според првите Христови зборови упатени кон Апостолите отколку вистинско воскресение, е објаснувано од светите Отци на Црквата од различни перспективи. Мене ме заинтересира само од перспектива на меѓусебните односи меѓу Богочовекот Христос и Марта, Марија и Лазар. И какво значење тој нивен меѓусебен личен однос има за сите нас и посебно за мене. Инаку, евангелието за четиридневниот Лазар, за нас христијаните, е лајтмотив на целата Страсна седмица.

Во текот на самото евангелие неколкупати, на најразличен начин, се спомнува дека Христос Исус ја сакаше Марта, и сестрата нејзина, и Лазар, па дури и дека заплака заради нив. Прашањето што секој човек би требало да си го постави е: само нив така ги сака или и мене ме сака и плаче за мене? Зошто во светото Евангелие не е напишано дека и некои други, исто така, поименично ги сакал и дека и за нив заплакал? Дури можеме да си поставиме и прашање: зошто мене така не ме сака и не плаче за мене?

Одговорот на сите овие можни недоумици е дека, всушност, се случува нов квалитет на љубовни личносни односи меѓу нив, не толку поради Христовата љубов кон нив – Неговата љубов никогаш не е под сомнеж, туку поради љубовта на Марта, Марија и Лазар кон Богочовекот Христос. Ова е вистинското значење и толкување на евангелските зборови: „Исус ја сакаше Марта, и сестрата нејзина, и Лазар“, како и: „Исус просолзи“.

Со други зборови, нема ни најмал сомнеж во еднаквоста на Неговата Божествена љубов кон сите нас. Прашањето е: каков е нашиот одговор на Неговата љубов – дали Му ја возвраќаме и колку; и дали воопшто Му ја возвраќаме? Токму тој наш одговор го прави и одредува квалитетот на нашата меѓусебна љубов и односи со Него, како и разликата меѓу нашиот личен однос со Христос и личните односи на другите луѓе со Него. Така, на крај, поради тој однос некои од нас ги препознаваме и откриваме како преподобни, други како спасени, трети како грешни итн.

И знаете што мене најмногу ме боли во мојот однос со Христос? Ме боли што постојано барам доказ за Неговата љубов кон мене, а ретко јас самиот се прашувам дали воопшто ја докажав мојата љубов кон Него, или дали некако ја докажувам мојата љубов кон Него, како и дали можам да сторам уште многу повеќе од она што го направив досега за Него. Знам, исто така, дека вреднувањето на мојот труд може да биде само во Негова власт и знам дека мој дел е само да се трудам и да имам добра намера.

А Он продолжува трпеливо и постојано на најразлични начини во животот на секој еден од нас – од најдобриот до најгрешниот, да ни се докажува – исто како и на Марта: „Јас сум воскресението и животот; кој верува во Мене, и да умре, ќе живее. И секој што живее и верува во Мене, нема да умре довека“. И исто како на сите присутни Јудејци: „Оче, Ти благодарам, оти Ме послуша. А Јас знам дека Ти секогаш Ме слушаш; но ова го реков заради народов што стои наоколу, за да поверуваат дека Ти си Ме пратил“.

Ова Негово постојано смирено докажување пред нас создадените и смртните, лично јас, со разумот го сфаќам како голем срам за мене, но истовремено гледам дека сѐ уште не сум се покајал на дело.

Пресвета Богородице, знам дека Он ме љуби и плаче и за мене – како и за сите нас, и тоа илјадапати ми е покажано и докажано во мојот живот. Те молам, сега дај ми солзи да заплачам и јас над моите гревови и мојот промашен однос со Него, и дај ми сила да ја докажам мојата љубов кон Него на начинот на којшто Он сака тоа да го сторам, без оглед каков ќе биде тој начин. Ти благодарам.

Митрополит Струмички Наум