Светилникот на нашето време
 
 
 
 
 

Светилникот на нашето време (17.04.2016 10:39)

Отец Гаврил, од Лесновскиот манастир, беше голема утеха за малкуте вистински христијански заедници (христијани со свој духовен отец, со правило за духовен подвиг, кои редовно се исповедаа и се причестуваа), кои во тоа време, од 1983 до 1987 година (годините што ги поминавме заедно), во Р. Македонија беа распрснати како мали оази на спас во пустината на атеизмот и христијанскиот номинализам (христијанство само по име). Колку што се сеќавам, такви заедници постоеjа во Скопје, Прилеп, Струмица и во Тетово. Ако некого сум изоставил, нека ми прости.

На ова место би го спомнал и единствениот млад монах што во тоа време го имавме, а кој лично мене, исто така, многу ме инспирираше и мотивираше – денешниот игумен на манастирот Свети Наум Охридски, архимандритот Нектариј. За него толку, затоа што е скромен човек и вистински монах, и знам дека ни толку малку не би сакал за него да се слушне, но, исто така, знам дека, како и секогаш, ќе ми прости со својата љубов.

Со оваа беседа сакам да ви пренесам некои совети и моменти од нашиот заеднички живот со отец Гаврил во Лесновскиот манастир, како и од неговите ретки посети во Скопје. Решив да го објавам ова во неделата посветена на света Марија Египетска, затоа што животот на отец Гаврил неодоливо ме асоцираше на нејзиниот живот во пустината по нејзиното покајание, секогаш кога ќе помислев каква беседа да подготвам за таа недела.

Неговиот живот беше постојан пост, и духовен и телесен. Во времето кога престојував во Лесновскиот манастир никогаш не видов во една седмица различни јадења – тој тоа го нарекуваше монофагија (еднојадение). Во текот на седмицата имаше само едно јадење (на пример, зелка со ориз), во кое во мрсните денови (вторник, четврток, сабота и недела) ми ставаше во чинијата малку зејтин. Во манастирот никогаш немаше за јадење млечни производи, јајца или риба. Него, лично, никогаш го немав видено да јаде нешто со зејтин, а за мрсно јадење не стануваше ни збор. Единствено се сеќавам дека кога доаѓаше во Света Петка во Скопје за бдение, тетка Марија (жената што во таа црква служеше, а подоцна стана монахиња) му подготвуваше чај, двопек и маслинки – од тоа повеќе го немав видено да јаде.

Сите што го знаат, можат да посведочат дека отец Гаврил беше исклучително слаб човек, дури ни кожното елече (однатре со волна) што го носеше зимно време, не можеше да го промени тој впечаток за него. Во една прилика ме советуваше: „Ако некогаш решиш да постиш четириесет дена, како нашиот Господ Исус Христос во пустината, немој да постиш точно четириесет дена како и Он, туку да постиш само триесет и девет дена, за да не дојде потоа ѓаволот и да ти шепне дека си издржал колку и Господ, и да се возгордееш. Последните денови од постот можно е да ги поминеш во кревет од исцрпеност, затоа покрај креветот до тебе стави си малку водичка и лепче, за ако си сам, а ти се слоши, да можеш да си ги повратиш силите“. Ова може да го каже само човек со опит. Опит на пост сличен на оној на света Марија Египетска.

Ако случајно го сретнев на улица во Скопје, на пример, кога доаѓаше за сеноќните бденија што ги организиравме еднаш месечно во црквата Света Петка, морав да му пријдам и да му се обратам по име, затоа што одеше со наведната глава и никого не забележуваше по патот – посветен на молитвата. Од него првпат дознав за Исусовата молитва (Господи Исусе Христе, помилуј ме). При првата посета на Лесновскиот манастир, ми рече: „Постојано кажувај си ја во себе или наглас молитвата Господи Исусе Христе, помилуј ме, и ништо друго не мисли“. И овие зборови може да ги слушнеме само од човек со опит, затоа што според логиката на овој свет не е возможно човек постојано да се моли, а притоа на ништо друго да не мисли. Тоа е подвигот преку кој на големата блудница Марија Египетска ѝ бил даруван дарот на небесната девственост. Во тоа време, се сеќавам, мојата прва бројаничка за молитва си ја направив од врвци за кондури – со најобични чворови.

Уште ова. Се сеќавам, кога понекогаш ќе ми беше многу тешко и кога ќе отидев кај него на исповед, ќе ме сослушаше и без да ми даде никаков совет, само ќе одмавнеше со раката и ќе речеше: „Е па, тоа не е ништо!“, и навистина, целата тежина што ја имав, па и самиот проблем, беа однесувани како со рака. Толкава моќ имаше неговиот збор над демонските сили и над нашите немоќи. Кога некогаш си размислувам за отец Гаврил, би рекол дека ништо не ни објаснуваше, а сите наши проблеми веднаш ги решаваше. Денес, ние, цела светоотечка психотерапија и духовен подвиг до најситни детали ги објаснуваме, ама како да изостанува крајниот позитивен ефект од сето тоа во обемот во кој го очекуваме.

Ако сакаме и се потрудиме, Црквата Божја и денес може да донесе плодови како света Марија Египетска или како светиот отец наш Гаврил Велички; и фала Му на Бог, уште носи. Нашата Света Црква догодина треба отец Гаврил да го обзнани како светител. Нашите храмови уште од пред шеснаесет години се украсени со неговите фрески и икони. Сега се подготвува за печат неговата служба со неговото житие и со сите чуда што ги направил по неговото блажено упокојување. Ние што го познававме, уште во тоа време го почитувавме како светител, и никакви додатни докази за тој факт не ни се потребни.

Преподобен отец Гаврил, со света Марија Египетска, молете Го Бог за нас!

Митрополит Струмички Наум