Божествена Литургија во Струмица на празникот Благовештение
 
 
 
 
 

Божествена Литургија во Струмица на празникот Благовештение (07.04.2016 10:47)

Благовест на Благовест

 

Ве молам, размислете за овој неискажлив момент од светата Благовест – без Нејзиното „нека ми биде“ ништо не стана од тоа што потоа стана во Божјиот Домострој на спасението на човекот и светот. Овој конкретен момент од свештената историја на нашето спасение нека ни биде светлина водилка и во сфаќањето на тајната на Благовести, и во градењето на нашиот личносен однос со Бог.  

            Сигурно ви е веќе јасно дека на Онаа Која е почесна од херувимите и безмерно пославна од серафимите не Ѝ требаше од ангел, па макар бил тоа и архангел Гаврил, да ја дознава вистината за воплотувањето на Синот Божји од Светиот Дух во Неа.  

            Се сеќавате што сум ви говорел: веќе на вториот степен од духовниот развој – просветлување на умот, се здобиваме со одредена слобода пред Бог. Тогаш не само што нашите главни планови често ќе се совпаѓаат со Божјите планови, иако не секогаш во она време што ние го посакуваме, туку веќе го добиваме дарот Божји, сами, во своето срце – во областа на Царството Небесно, да го подготвиме она што ќе сакаме да ни се случи во иднина, согласно волјата Божја. Ви говорам за благодатниот подвиг на аскетската умно-срдечна молитва.

            Колку повеќе сето ова важи за недостижниот исихастичко-молитвен подвиг што Пресветата го имала во Светињата на Светињите од старозаветниот Храм. Така, тоа што денес архангелот го благовести веќе беше договорено и восогласено меѓу Бог и Приснодева Марија во Нејзиното срце, пред кој било друг да знае. Денес, во Светата Литургија на Црквата, само се остварува, се посведочува и се обзнанува – заради наша поука и заради наше спасение. 

            Сакам да ве потсетам на уште нешто: човекот е создаден бог со самото тоа што на Бог може да му каже „не“. Но, едно е на Бог да Му кажеш „не“ од позиција на паднатост и гревовност, а друго е на Бог да Му кажеш „не“ од позиција на син Божји по благодат. Преку првото човек постепено се демонизира, а преку второто покажува дека се реализирал. Ако за обичен човек ова е достижно, тогаш што да кажеме за Мајката Божја – Пресветата Богородица, Која единствена има власт и да Му нареди на својот Син.

Да се потсетиме само на оној чудесен момент од свадбата во Кана Галилејска – „немаат вино“. Дали, по навидум грубиот одговор, Таа нешто Го замоли или Му се обрати повторно? Не, им се обрати на слугите – „направете како што ќе ви рече“, едноставно знаејќи дека Он ќе Ја послуша! А Кој постапи според Нејзината желба, иако претходно се противеше? Лично Нејзиниот Син, а наш Бог, Богочовекот Исус Христос. Кој Кому овде му е послушен е сосема очигледно.

            Но ние, обичните луѓе − дури и обожени, кои немаме власт да Му наредуваме, туку само да Го молиме, пред да можеме да Му речеме на Бог – „не“, имаме да кажеме многу „да“, кои можеби ќе немаат ниту логика, ниту смисла, ниту извесност, а можеби ниту живот, додека да го чуеме Неговото „да“ како сведоштво на нашето боговподобување.

            Мили мои, не се сомневајте во власта на Мајката Божја, од Која и Бог Отец барал дозвола пред и при воплотувањето на Својот Единороден Син, од Светиот Дух, да го овозможи вашето спасение – во рамките на Божјата Промисла за вас и вашата желба за истото, затоа што тој сомнеж ја растројува целата благочестивост на човековата душа. Слободно и без помисла на сомнеж, со радост и плач  повикувајте кога и каде ќе можете:

            Пресвета Богородице, спаси нас! Радувај се, благодатна Марија! Господ е со Тебе!

 

Митрополит Струмички Наум