Крстот Христов како сигурност во Бог
 
 
 
 
 

Крстот Христов како сигурност во Бог (03.04.2016 12:42)

Сите носиме свој Крст (страдање) – прашањето е: сакаме да носиме Крст со смисла, со утеха и надеж на Воскресение или сакаме да се мачиме со бесмислен крст? Мислам дека изборот не е тежок. Затоа, ајде да почнеме вистински да го почитуваме Крстот Христов, црпејќи ја од него силата на преобразувањето и Воскресението. Вистинско почитување или носење на Крстот значи вистинско живеење според Крстот, односно кога нашата сигурност при страдањата за доброто на другите и за наше добро ќе ја втемелиме само во Бог, а не на некој или нешто што е надвор од Него.

Ако правилно го носиме нашиот Крст, тогаш секако ќе ни се отворат очите да видиме дека главниот фокус при страдањето не е на самото наше страдање, туку на нашиот личносен однос со Богочовекот Христос, однос што токму преку страдањето го градиме. Ако нашето внимание се задржи, главно, на страдањето и не Го препознаеме Бог во истото, тоа значи дека сме самољубиви, а нашиот духовен живот е импровизиран и не е втемелен во Него.

Значи, да запаметиме, во секое страдање првенствено Го препознаваме Христос и го утврдуваме и надградуваме нашиот личносен однос во и со Него. Самото страдање е реално, но останува во втор план, бидејќи преку прифаќањето и благодарењето тоа станува извор на радост од новоостварениот и надградениот однос со нашиот Господ.

Ако некое страдање (Крст) ни предизвикува очај наместо радост, тоа е знак дека треба да го смениме нашиот однос со Бог, односно знак дека нашиот однос со Бог сигурно е погрешен – не е синовски (заснован на личниот однос со Него), туку е робовски или наемнички. Од Крстот (страдањето) треба да ни произлегува радосна тага од надградениот однос со Бог, а не очај.

Прифаќањето и благодарењето на Бог за тоа што ни се случува не значи и помирување со некаква „судбина“, дека „така ни било пишано“, дека така ни било „од Бога дадено“, и дека ние не можеме ништо од тоа што ни се случува да промениме. Прифаќањето и благодарноста кон Бог за нашите страдања не е пасивен едностран однос, туку основен почеток на еден нов однос со Бог, кој самиот по себе, во суштина, на подобро ги менува работите – не само како однос кон самите нив, туку и во реалниот живот.

Нашиот однос со Бог е жив однос: нешто прифаќаме со благодарност, со друго недвојбено се согласуваме, за трето љубовно се бунтуваме и бараме да се промени – сѐ зависи од тоа колку е изграден нашиот однос со Него; или не. Нема боголикост и богоподобност на човекот, нема вистинска слобода и љубов во односот меѓу човекот и Бог, нема вистински однос меѓу човекот и Бог ако човекот нема можност да ја промени и Божјата волја. Нема човек и нема Бог – нема Богочовек.

            Како се откажуваме од Крстот Христов? Се откажуваме од Крстот секогаш кога нашата безбедност ја темелиме на нешто што е надвор од Бог, а не на Него, односно на самите себе и своите сопствени знаења и сили и на некоја од формите на само човечко општествено уредување или групирање. На пример, кога нашата сигурност ја темелиме на државата, нацијата, партијата, на семејството или на некои други видови само човечко групирање (обично бизнис и тајни организации), како и кога се чувствуваме безбедни поради имотот и парите што ги поседуваме и човечката власт. Секое такво втемелување на нашата сигурност е откажување од Крстот Христов. Нормално, страдањата што секако ќе дојдат, ќе бидат бесмислени и полни со очај.

Накратко, Крст е кога се саможртвуваме за доброто на другите, а не кога другите ги жртвуваме за свое добро! Крстот е она на кое и со кое ме распнуваат, а не она на кое и со кое јас ги распнувам другите.

Пресвета Богородице, спаси нас!

 

Митрополит Струмички Наум