Кога Те видовме...
 
 
 
 
 

Кога Те видовме... (06.03.2016 11:46)

Забележувате ли дека прашањата на кои ќе треба да одговориме на Страшниот суд воопшто не се однесуваат на верата и Црквата на кои припаѓаме, туку на конкретните лични дела на милосрдие: дали кога Господ Христос беше гладен, Му дадовме да јаде; дали кога беше жеден, Му дадовме да пие; дали кога беше странец, Го примивме; дали кога беше необлечен, Го облековме; дали кога беше болен, Го посетивме; дали кога беше во затвор, дојдовме при Него... А, ако некој Го праша Господ, кога сето тоа се случило? Одговорот барем на нас христијаните ни е многу јасен: „Вистина ви велам, доколку сте го направиле тоа на еден од тие Мои најмали браќа, Мене сте Ми го направиле“ (Матеј 25, 31–46).

            Моето внимание, во денешново евангелие, најмногу го привлекувале зборовите: „Господи, кога Те видовме гладен и Те нахранивме, или жеден и Те напоивме? Кога Те видовме странец и Те прибравме, или необлечен и Те облековме? Кога Те видовме болен, или во затвор, и Те посетивме?“ 

            Оние што Страшниот суд ги затекна на степенот на чистење на срцето од страстите, ги велат гореспоменатите зборови затоа што и покрај подвигот да ги исполнат Христовите заповеди во пракса, живеејќи во грижите на светот, сепак не Го видоа Господ во своето срце преку дарот на умно-срдечната молитва.

            Оние што Страшниот суд ги затекна на степенот на просветлување на умот, ги велат гореспоменатите зборови затоа што и покрај подвигот на умно-срдечната молитва и на љубовта кон непријателите, најчесто поради пастирски обврски во светот, сепак не Го видоа Господ во своето срце и надвор околу себе преку дарот на гледање на несоздадената светлина.

            И мислам дека оние што Страшниот суд ги затекна на степенот на обожение, ги велат гореспоменатите зборови затоа што и покрај подвигот на непрестајната молитва и на плачот за целиот свет, поради злоупотреба на слободата од страна на оние што самите себе се ставија на левата страна, не Го видоа Господ и во нив. Господи, помилуј...!

            Со еден збор, сите оние што во текот на целиот свој живот се смируваа, односно самообвинуваа, што друго знаат освен и пред Христос на Страшниот суд да се смират.

            Интересно е и полезно да знаеме и што значат зборовите: „Господи, кога Те видовме...“, на оние што Страшниот суд ги затекнува во грев и пад.

За да сфатиме полесно, прво сакам да се потсетиме на Адамовиот пад. Кога Бог ги прашува зошто јаделе од забранетиот плод, наместо да се покајат, Адам се самооправдува и Го обвинува за својот пад, пред сè, Бог („жената која ми ја даде Ти“), а потоа и Ева („таа ми даде од плодот на дрвото и јас јадев“). Исто така, и Ева се самооправдува: „змијата ме измами, и јас јадев“ (види: 1. Мој. 3, 12–13). Светите Отци велат дека само еден од нив двајцата да побарал прошка, и двајцата немало да бидат избркани од рајот. Сакам да заклучам дека тоа што Бог ги бара нашите Праотци Адам и Ева и стапува во дијалог со нив, не е ништо друго освен што и на двајцата им дава уште една можност за покајание.

            Истиот заклучок сакам да го изведам и за Страшниот суд и за оние што тогаш се наоѓаат во грев и пад. Тоа што Богочовекот Христос воопшто стапува во дијалог со нив, колку и да звучи тоа страшно („одете од Мене, проклети“), не е ништо друго освен што Тој на сите им дава уште една можност за покајание. И наместо да признаат дека ја заслужиле казната и да побараат прошка и милост од Семилостивиот Христос и да се спасат во последен момент, тие се самооправдуваат и Го обвинуваат Господ и на самиот Страшен суд: „Господи, кога Те видовме...“ О безмерно безумие!? О демонско непокајание!?

            Со еден збор, сите оние што во текот на целиот свој живот се самооправдуваа и ги обвинуваа другите, што друго знаат освен и пред Христос на Страшниот суд истото тоа да го повторат.

            Остануваме неми пред Твојата љубов и долготрпеливост, Христе, Боже наш... Кој сакаш сите да се спасат...   

Но време е да се приземјиме малку со уште две практични поуки што произлегуваат од толкувањето на денешното евангелско четиво.

            „Доколку не сте го направиле тоа на еден од овие најмали браќа, Мене не сте Ми го направиле.“ Ајде сега да ги погледнеме овие зборови и од аспект на љубовта кон непријателите и да се потсетиме на нешто што и порано сме го чуле... Имено, кога ние се трудиме аскетски да ги љубиме оние што нас нè мразат и кога се трудиме да не им враќаме со зло на злото што ни го прават, тогаш на таквите им оставаме простор за покајание. Само Господ знае кога ќе им истече времето за покајание, но, исто така, и нема да дозволи тие бесконечно да ни причинуваат зло. Нашиот подвиг не треба да е втемелен врз нашето очекување да им помине времето за покајание и да им се случи некое зло, туку врз надежта дека тие навистина ќе се покајат и ќе се спасат – иако таквиот опит поретко се случува.

            Инаку, Страшен суд пред Страшниот суд е секоја средба со нашиот ближен. Страшен суд пред Страшниот суд е секое наше застанување на молитва, особено кога нашиот ум ќе застане пред престолот на нашето срце, пред Господ. Страшен суд пред Страшниот суд е и секоја Света Литургија, како веќе, и уште не.

 

Митрополит Струмички Наум