Божествена Литургија во неделата на митарот и фарисејот во црквата на свети Григориј Палама во Струмица
 
 
 
 
 

Божествена Литургија во неделата на митарот и фарисејот во црквата на свети Григориј Палама во Струмица (21.02.2016 11:06)

Пресвета Богородице, спаси нас!

Вака сега, мили мои, ако сакате да си ги спасите душите свои.

            Со текот на времето, Божествената Литургија, онаква каква што денес ја служиме, претрпела многу промени, иако не суштински, туку само формални. Зашто на почетокот секој епископ служел онака како што примил од светите Апостоли. Остатоците од некои од тие Литургии, или дури и целите, ги имаме запишани и сочувани до ден-денес, а некаде и се служат барем еднаш годишно.

            Неколку векови требало да поминат за Литургијата да се унифицира како текст, па да ја знаеме отприлика онаква каква што денес ја служиме или, поточно, онаква каква што Бог преку нас ја служи – зашто Ти си Кој принесува и се принесува, Кој прима и се раздава, Христе Боже наш... Тоа е главно Литургијата на свети Јован Златоуст, која всушност е скратена верзија од Литургијата што ја има запишано свети Василиј Велики.

            Како и да е, ако и денес го споредиме оригиналот на Златоустовата Литургија со она што денес го служиме, ќе видиме дека постојат одредени додатоци и разлики.

Еден вид од додатоците (текстуални и церемонијални) воведувале разни духовно неписмени свештеници (од секој ранг), друг вид воведувале разни цареви (и текстуални и церемонијални – дури и одеждите што денес епископите ги носат се дел од царските одежди) и трет вид воведувале разни квази теолози.

Сите овие додатоци, главно, непотребно ја оптоваруваат богослужбата, особено кога служат архиереите, и се забележливи во почетниот дел на Светата Литургија – во делот до Големиот вход или во Литургијата за огласените – кој навистина предолго трае, додека, пак, Литургијата на верните или Канонот на Евхаристијата (Благодарноста) просто го претрчуваме.

Не ми е цел во овој текст да говорам за овој вид додатоци и разни други искривувања при служењето на самата Света Литургија со кои го оптоваруваме народот и физички и психички. Со овој текст сакам да го изразам своето чудење како сите овие промени и додатоци не ни сметаат иако се на штета на редовното црквување на народот Божји и на мисијата на Црквата во светот, а истовремено забележувам и слушам дека на некои им пречи единствениот додаток што извира од вистинската побожност на народната душа, а тоа е молитвата: „Пресвета Богородице, спаси нас!“

Навистина, таа молитва јасно се подразбира и без да е запишана, едноставно ти извира од срцето како екстатичен трепет и плач, просто не можеш, а да не ја изговориш во тој момент кога ќе го чуеш Нејзиното прекрасно име; кога знаеш дека секој Дар преку Неа го добиваме. Едно запаметете: Бог, Богородица и Светата Литургија се неразделни и невозможни едно без друго, затоа молитвата „Пресвета Богородице, спаси нас“ е суштински дел на Светата Литургија, кој не може да биде тргнат. Таа молитва треба цел народ да ја пее во Црквата Божја кога ќе го чуе Нејзиното пресвето име, исто како што треба задолжително да повика „амин“ при осветувањето на Даровите. 

Возљубени, не верувајте му на секој дух, туку испитувајте ги духовите: дали се од Бога, бидејќи многу лажни пророци се јавија во светот. По ова познавајте Го Божјиот Дух, и духот на лагата: секој дух што признава дека Исус Христос дошол во плот, од Бога е. А секој дух што не признава дека во плот дошол Исус Христос, не е од Бога; тоа е духот на антихристот, за кого сте слушале дека иде, па и сега е веќе во светот (1. Јов. 4, 1–3).

Тоа е истиот одвратен дух што, преку свои луѓе – инструменти, не само што не сака да ја чуе молитвата: „Пресвета Богородице, спаси нас!“ во Светата Литургија, туку и чувствува како таа молитва го уништува. Кој има уши да слуша, нека чуе!

P.S. А што се однесува до денешната богослужбена недела, фарисеј е секој што мисли за себе дека е подобар од кој било човек. Митарот кој беше оправдан од Бог е секој кој стои пред Бог во состојба на плач, а посебно за време на молитвата.

Митрополит Струмички Наум