Злосторство или „казна“
 
 
 
 
 

Злосторство или „казна“ (07.02.2016 10:35)

 

Христос вели: „Ако згреши против тебе братот твој, оди и искарај го насамо; ако те послуша, си го придобил брата си; ако ли не те послуша, поведи со себе уште еден или двајца, па со устата на двајца или тројца сведоци нека се потврди секој збор; ако ли, пак, не ги послуша и нив, кажи ѝ на Црквата; па, ако и Црквата не ја послуша, тогаш нека ти биде тој како незнабожец и митник. Вистина ви велам: сè што сврзете на земјата, ќе биде сврзано и на небото; и сè што разврзете на земјата, ќе биде разврзано и на небото“ (Матеј 18, 15-18).

Во минатата беседа, меѓу другото, го спомнав и ова: Бог ни ја предаде суштината на верата – љубовта кон секој човек (па дури и непријател), а ние повторно ја обожуваме формата (правиме идоли од) – разните свети Канони и правила, со кои газиме по таа љубов – користејќи ги, кога сме на позиција, како средства за освета. Злоупотребата на светите Канони е злосторство, а причината за таквото злосторство е проекцијата на нашите страсти во другиот.

Црквата или духовниот отец може многупати во својот живот да се најде во ситуација да треба да „казни“ некое свое духовно чедо. Тешко е накратко да се говори на оваа тема поради трите нивоа од духовниот развој на кои може да бидат и самите епископи – учесници на соборот што треба да изрече некоја педагошка мерка, или поради нивото на самиот духовен отец, кои ќе влијаат врз нивниот начин на дејствување.

Она за што може да се проговори нешто се општите начела по кои треба да се раководиме, на пример: светите Kанони и разните црковни правила не се напишани со главна цел некој да биде казнет и јавно понижуван, туку со главна цел некој што се огрешува против нив да биде исправен. Тоа е суштинската разлика како истите ги користат непросветлените и просветлените.

Друго, една е ситуацијата кога некој лично ќе ни згреши, а друга ситуација е кога некој со своите грешки ја засега целата Црква. Кога некој лично ќе ни згреши, тогаш најнормално ќе простиме. Ако нечија грешка ја засега целата црковна заедница, тогаш, покрај простувањето, се обидуваме да најдеме начин и како побрзо неговата грешка да ја покриеме, ако грешникот во меѓувреме се покајал или барем има некаква надеж дека ќе се покае.

Ако оној што згрешил не се покае делотворно, тогаш светите Kанони и црковни правила се користат во насока да го вратат грешникот на правиот пат, да го опоменат, а не да го казнат. И тоа се прави (усно или писмено) без знаење на јавноста, за со покажаната љубов да се разоружа неговата суета. Но, ако човекот, и покрај тајната опомена, продолжи јавно да греши против пошироката црковна заедница или против целата Црква, дури тогаш светите Kанони и црковни правила се користат како педагошка мерка за негово отстранување од позицијата преку која прави голема штета – овој пат на знаење на целата јавност. Сепак, и тогаш крајната цел не е злорадо казнување, туку љубовно очекување на неговото покајание, кое, доколку се случи, треба да биде радост за целата Црква, а за покајникот враќање на сите почести што претходно ги имал. Вака дејствува Црквата Христова или вистинскиот духовен отец, а сѐ друго е демонска сплетка.

Ни Црквата ни духовниот отец немаат власт конечно да осудат, односно немаат власт на конечно казнување, туку на исправање и на поттик за покајание – дури и кога педагошката мерка значи одделување од црковната заедница. Власта за конечен суд ја има само Богочовекот Христос, но и Он само како пасивна власт – доколку некој и на Страшниот суд сам се одрече од Него.

И светите Канони и црковните правила се одраз на Божјата слобода и љубов. И на оние што им е дадена власт да ги спроведуваат, треба да се претставници на Божјата слобода и љубов. Слободата и љубовта се две форми на суштината на нашето црковно-канонско и пастирско дејствување. Доколку не е на црковна функција, љуби го човекот и остави го слободен да прави што сака – еден ден ќе ја препознае љубовта во слободата што му е дадена. Но, ако е на висока функција во Црквата, не може бесконечно да му се дозволи да дејствува надвор од рамките на канонскиот поредок на Црквата и на штета на Нејзиното единство. Таквото однесување може и подолго време со љубов и трпение да се покрива од страна на Црквата со надеж дека еден ден ќе ја препознае љубовта во трпението што кон него е покажано; секако, само под услов да не е душевно растроен или да не е трајно определен за злото. Во таков случај, лекот тешко се наоѓа, а болниот дел од Телото најчесто бива трајно отсечен.

Религиозно растројство на личноста или трајното определување за злото се препознаваат кај човек што презема дејства спротивни од Духот на светите Канони, ги користи истите за јавна освета и казна, спротивно на претходно опишаното поведение на Христовата Црква или на Нејзин вистински духовен отец, кои ги користат за покривање и спасување на грешникот од гревот и за негово осветување.

Митрополит Струмички Наум