Божествена Литургија во Струмица
 
 
 
 
 

Божествена Литургија во Струмица (24.01.2016 12:43)

Обожување на пепел

 

На едно место прочитав дека традицијата, односно за нас во Црквата Христова − Светото Предание, не е обожување на пепелот, туку е пренесување на огнот. Кога ќе се потсетиме на ова и на зборовите на Богочовекот Христос, Кој вели: „Јас дојдов да фрлам оган на земјата и колку би сакал да се беше веќе разгорел“ (Лука 12, 49), тогаш, знаејќи дека тоа е и целта на нашиот христијански живот, беседата сама извира од преполнетото срце.

За каков оган ни говори и копнее Христос, кој требаше да се беше веќе разгорел? Богочовекот ни говори за полнотата на благодатта што ја примаме во нашето духовно срце преку совршената Тајна на Светото Крштение. Таа Божествена несоздадена енергија или благодат на Светиот Дух е огнот што најпрвин требаше да ја изгори нечистотијата на нашето срце, а потоа требаше недвојбено за нас да се пројави од нашето доволно очистено срце и преку умно-срдечната молитва да го преобрази целото наше битие. Зарем секој од нас не ја чувствува потребата од оваа пројава на Божествената благодат во себе и зарем не копнее по неа подобно на Богочовекот Христос – да им ја пренесе на сите?

Овој оган на очистителната благодат Божја прво невидливо ги гори и преобразува грубите страсти на нашето срце − кога во послушание на духовен отец се принудуваме себеси да ги исполнуваме Божјите заповеди и притоа целите гориме; истиот тој оган, сега како просветлувачка благодат, ги гори и преобразува и суптилните страсти од суштината на нашето срце, преку аскетската умно-срдечна молитва, и полека ги просветлува нашиот ум и разум – додека нашето срце тивко гори; и истиот тој оган, но сега како обожителна благодат, кој веќе не нѐ гори, го гледаме како несоздадена Божествена светлина при грабнувањето на умот за време на непрестајната благодатна умно-срдечна молитва.

За човек да може да го покажува овој пат на преобразување, односно на очистување, просветлување и боговподобување, мора и самиот да поминал по него, надминувајќи ги сите неверојатни замки и препреки (несфатливи и соблазнителни за неопитниот) што на него ги среќава. Има една мудрост која во само една реченица го опфаќа сето погоре напишано: сакаш да светлиш – тогаш гори. Ете, за овој оган и за овој начин на негово предавање ни говори Господ во погоренаведените Негови зборови.

А ние што правиме? Ние обожуваме пепел, односно го обожуваме (правиме идол од) сето она што Богочовекот Христос во Својот (или Очевиот) Домострој на спасението го исполни и го укина заради нас и наше спасение. Он цел свет го направи храм Божји и секое место олтар Божји, а ние повторно ги обожуваме ракотворните храмови; Он секој човек го восинови и го направи Царски (или Свој) свештеник, а ние повторно го обожуваме надворешното свештенство; Он ни ја предаде суштината на верата – љубовта кон секој човек (па дури и непријател), а ние повторно ја обожуваме формата – разните канони и правила, со кои газиме по таа љубов. Он дојде да нѐ ослободи од ропството на овој свет, но нам посигурно ни изгледаше обожувањето на своите страсти: за човечка слава и власт, за богатства и имоти и за телесни наслади, и на демоните поврзани со нив, односно заробеноста од овој свет. Идол е сето она на кое му даваме предност пред љубовта кон Бог и љубовта кон секој човек. Идолот е пепел што го обожуваме.

Но, речено е: „Светот поминува и похотите негови, а оној што ја извршува волјата Божја останува довека“ (1. Јован 2, 17). Затоа немојте да го обожувате пепелот, односно овој минлив свет и своите страсти како идоли што ве држат во ропство на темнината, туку разгорувајте го Божествениот оган во себе како несоздадена светлина и пренесувајте им го најпрво на ближните со вашето присуство и со вашето слово во сила. Но, пред сѐ, да Ја замолиме Пресветата Владичица наша Богородица, преку Која и ја добиваме оваа несоздадена светлина: Мајко, просветли ја мојата темнина...! Нема поедноставна работа од тоа – да ја замолиш Мајка си да ти даде нешто и Таа да ти го даде. Особено ако Мајка ти ја има полнотата на секое добро − ако е како Бог. И ако си Ја сакаш...

Митрополит Струмички Наум