Едно Крштение, а чудни браќа
 
 
 
 
 

Едно Крштение, а чудни браќа (18.01.2016 18:25)

 Убаво е човек да знае да чита и да разбере што чита, а уште подобро е кога прочитаното и потполно ќе го сфати. А лошо е кога човек знае да чита, но го толкува прочитаното како што сака, а поради острастеноста и непросветленоста на неговиот разум. Кога читаме за божествените работи, може да разбереме нешто со разумот, ама сфаќаме или проникнуваме само со духовниот разум – со преобразениот и просветлен разум; и сфаќаме многу повеќе од тоа што е напишано. Истото ова важи за сознанијата добиени преку сетилата, а посебно преку сетилата за слух и вид.

Просветлувањето на разумот, односно просветлувањето на секундарната функција на умот, а со тоа и надминувањето на дуализмот меѓу двете функции на умот, се случува кога преку примарната функција на нашиот ум ја преобразуваме неговата енергија, соединувајќи ја со Божествената несоздадена енергија. Дури тогаш човек може да ги гледа нештата подобно на Божјото гледиште и да ја види поцелосната слика за човекот и човештвото, а не како што нашиот непросветлен и острастен разум ни ги прикажува истите – парцијално, распарчено, спротивставено и површно. Затоа и Богочовекот Христос вели: „Ако светлината [разумот] што е во тебе е темнина, тогаш каква ли ќе е темнината?“ –  кон која те води твојата темнина (види: Матеј 6, 23).

            Во денешното евангелие, на службата од Водокрст (Марко 1, 9-11), читаме и слушаме дека свети Јован Го крштева Христос. Истото го гледаме и на православната икона на Богојавление.

И сѐ е тоа точно и побожно. Но што уште можеме да видиме и сфатиме покрај или зад тоа што го гледаме и читаме? Прво, да си одговориме на ова прашање: Како Богочовекот Христос со Своето крштевање би ги осветил водите ако Он не е Истиот и што осветува; а ако Он осветува, што ќе Му е крштевање? Да, Тој е Оној што осветува и Нему не Му треба никакво осветување или крштевање, а сѐ прави заради наше спасение. Затоа, Он се крсти од свети Јован во водите на реката Јордан, а на самиот Јован Крстител и на сите нас ни овозможи да се крстиме со вода и со Свет Дух, Кој само и единствено заради нас слезе. Он се крсти во водата, а водата и сѐ создадено – сета твар, ги освети и ги возобнови – повторно станаа погоден материјал за совршување на Светите Тајни. Нему Му се отворија небесата, а на нашето срце му овозможи да стане влез и седиште на Царството Небесно. Гласот на Отецот од небесата за Него сведочи: „Тој е Мојот возљубен Син и на Него е Мојата милост“ (Матеј 3, 17), а на сите нас восиновување ни благовести. Да, Бог се јави како Света Троица, а вистинскиот Човек – Богочовекот Христос, Го препознаваме само како Оној Кој ја возглавува целата Своја Црква.

            Видовте ли, драги мои, како од првобитната слика што ја имавте за Крштевањето Христово добивте друга слика – многу поширока и поцелосна. Што мислите, дали е тоа и последната слика? Не би рекол. И од неа има посовршена. Но, ако сакате да ја видите посовршената, на пример, до каде достига опфатот на поимот Црква, потрудете се да ја исполните Христовата заповед за љубов кон ближниот, оти поинаков пат не ни има:

„Кој вели дека е во светлина, а го мрази братот свој, тој е сѐ уште во темнина. Кој го сака брата си, тој е во светлината и во него нема соблазна“ (1. Јован 2, 9-10). Зошто нема соблазна? Зашто секое зло претрпено од братот свој лично го доживува како Христово прашање до него самиот: „Ме љубиш ли?“ – и на злото одговара со љубов. „А кој го мрази братот свој [и одговара со зло на зло], тој се наоѓа во темнина, и во темнина оди, а не знае ни каде оди, бидејќи темнината му ги ослепила очите негови [и умот и разумот]“ (1. Јован 2, 11).

 

Митрополит Струмички Наум