Празните витлеемски домови
 
 
 
 
 

Празните витлеемски домови (06.01.2016 17:25)

Драги мои, откријте ја убавината на животот духовен, оти и нема друг вистински радосен живот. Вложувајќи во духовниот живот, од една страна, вложуваме во нашата иднина (и така сѐ најпрвин се случува на духовен план, а потоа во реалниот живот) – иднина времена и вечна, а од друга страна, ја правиме вечноста присутна во нашиот секојдневен живот, го живееме Царството Божјо овде и сега.

            Доколку, пак, се случи повеќе од потребното да вложуваме во нашите световни потреби, тогаш со сигурност ќе влеземе во безобѕирна и безобразна борба за задоволување на нашите страсти. Велиме безобѕирна, зашто во таа борба ги повредуваме другите луѓе околу себе, на кој било начин – душевен или телесен, без грижа на совест; а е безобразна зашто не нѐ води кон образот Божји. Идејата на денешниот благден е дека Бог стана Човек за човекот да стане бог преку личното учество во Божјата благодат. Човекот создаден како икона (образ) Божји да стане и подобен на Бог – преподобен.

            Затоа, вложувањето во световниот живот, на крајот, кога-тогаш, брзо или подоцна, ќе донесе само несреќа, стрес, невроза, болест, тага и неуспех; ќе ни се открие како погрешна инвестиција, како онтолошко промашување. А вложувањето во духовниот живот ќе нѐ збогати со Плодовите на Светиот Дух Господ: љубовта, радоста, мирот, долготрпеливоста, добротата, милосрдноста, верата, кротоста, воздржливоста (види: Гал. 5, 22-23).

            Преку православниот духовен живот срцето го чистиме од неговите страсти за човечка власт и слава, за трупање пари и имоти и за исполнување на телесните наслади. Ако не го очистиме срцето од своите страсти, тогаш нашето срце станува како домовите витлеемски во кои Христос не можел да најде место, т.е. Богородица не можела да најде место да Го роди Христос, така што морал да се роди во некоја пештера, во некои јасли надвор од домовите на витлеемските жители. И таа пештера го симболизира кое било друго место освен нашето срце. На личен план, Рождеството Христово можеме вистински да го славиме само ако со умот го пронајдеме влезот за внатрешноста во нашето срце, влезот за пештерата каде што Христос положен во јасли лежи.

Затоа треба да внимаваме да не го славиме Рождеството Христово без Христос. И во овие денови на прославување сеќавајте се поинтензивно на Христос, бидете во молитвите со Него, за посебната благодат што ни е дадена во Црквата во овие денови да не остане неискористена и да не го оставиме нашиот дом – нашето отворено срце, без Него. И внимавајте да не ја замениме вистинската радост со еуфорија!

На примeр, досега сте постеле, и од утре ќе почнете да јадете и ќе се чувствувате некако поубаво. Но, тоа може да остане само психолошки момент ако не е вистински духовна радост, односно ако постот не е поврзан со вистински православен духовен живот. А таа радост празна и световна набргу ќе се претвори во еуфорија и на крајот ќе се почувствуваме празни. Затоа, ви велам да внимаваме да не го славиме Христовото Рождество без Христос, без разлика на кој степен од духовниот развој се наоѓаме; да го соединиме умот наш за Христос, да се молиме, да бидеме со Него и да не Го оставиме Сам.

           

            P.S. Мислите ли дека витлеемските жители навистина немале место во своите домови? Не, просто не сакале да си ја нарушат својата комоција, не сакале да се откажат од комфорот и од  компромисот со овој свет; тесно им било во срцата. Исто како и нам денес што ни е тешко да примиме и нахраниме некој сиромашен човек дома, не сфаќајќи дека така Самиот Христос не Го примаме. Витлеемските жители немале место во своето срце, но за разлика од нас, и не знаеле што прават. А ние?

           

            Христос се роди!

Митрополит Струмички Наум