Божествена Литургија во Водоча на празникот на свети Николај Чудотворец
 
 
 
 
 

Божествена Литургија во Водоча на празникот на свети Николај Чудотворец (19.12.2015 12:52)

Кога слепци слепи водат

 

Во претходната беседа рековме дека одржувањето на континуитетот на заедничкото сослужување и учество во Светата Евхаристија (Литургија) на Црквата ќе го оневозможеше конечното институционално поистоветување на помесните цркви со минливите форми на општественото човечко организирање од овој свет, односно со националните држави, и ќе беше единствена здрава основа за решавање на кое било отворено прашање меѓу нив, без притоа спомнатите човечки и минливи форми на организирање да имаат некакво одлучувачко влијание при овој процес. Со попрости зборови кажано: прекинувањето на заедничкото сослужување покажува дека помесните цркви како институции се поистоветиле со националното, односно со крв и тело (и се борат против крв и тело), а се одрекле од Богочовекот Христос (и им служат на силите и началствата на злото од поднебесјето – види: Ефес. 6, 12). Светата Литургија, односно заедничкото учество во Домостројот на спасението, не може да биде средство за психолошка војна при остварување на државно-национални интереси и цели.

Кој заклучок можеме да го извлечеме од ова тврдење? Ние СПЦ ќе ја познаевме како вистинска Црква, или ако сака, како Мајка Црква, или како канонска и јурисдикциски и пастирски одговорна Црква, само доколку успееше да го сочува заедничкото сослужување и учество во Светата Евхаристија (Литургија) со епископите на МПЦ-ОА. Штом СПЦ не успева да го сочува или возобнови – досега, заедничкото сослужување со МПЦ-ОА, ние во неа не можеме да препознаеме ништо друго освен религиозна заедница која институционално и етички се поистоветила со минливите форми на само човечко организирање од овој свет (односно со српската држава и нејзините политички и национални интереси и цели), со која, сѐ додека така функционира, воопшто не се замараме. Истото ова можат и тие нам да ни го забележат, ама од нивни причини – поради неприфаќањето на автономниот статус (читај името); но, сепак, тоа воопшто не е исто. Прекинувањето на Евхаристиската заедница поради статус или име на Црква нема теолошко оправдување.

Затоа, единствен нормален услов за започнување на нормален дијалог за возобновување на канонското единство меѓу СПЦ и МПЦ-ОА е возобновувањето на меѓусебното евхаристиско единство. Прво треба да се препознаеме како Цркви, или како браќа во Христос, па потоа да разговараме за канонскиот вид на меѓусебните односи. Ако ние едни во други не гледаме Црква, односно ако заеднички не сослужуваме, за што воопшто ќе седнуваме да разговараме? Да ги задоволиме националните и политичките интереси и цели на нашите држави?! Не, на тоа поле никогаш нема да се пронајдеме! На тоа поле е просто невозможно да се пронајдеме, затоа што ние сега сме станале и црковни институции на номинални христијани чие јавно или политичко мислење не можеме да го игнорираме – пред сѐ, од пастирски причини. Или зошто воопшто дополнително би ги искушувале луѓето – само за да задоволиме нечии туѓи национални и политички интереси? Сигурно – нема! Овој основен услов – заедничкото сослужување, преку кој би се надминала секоја национална и политичка пречка, само за духовно слепи (слепци) е невидлив.

Затоа, најдобро би било кога поглаварите на двете помесни Цркви прво би постигнале договор само за заедничко сослужување меѓу себе, и меѓу епископите на Црквите кои ги претставуваат, без да навлегуваат во прашања од типот на статус или име на Црква (и така тоа се само пастирски, но минливи форми на организирање и именување согласно Евангелието Христово – види: Гал. 3, 28), а учеството во едната Литургија само по себе и во свое време ќе го покаже решението на сите такви останати и слични, отворени, но небитни прашања, и истовремено ќе го зајакне братското единство меѓу нас. Светот (односно демонот што со него раководи) ќе немаше одговор за овој наш потег, ниту сила да го спречи. Не знам само кога ќе сфатиме дека не ја водиме борбата на свој терен, туку дека демонот си игра со нас на негов терен, и затоа толку време нѐ влече за нос? Луѓе, браќа, единствен наш терен во овој свет е Светата Евхаристија и начинот на живот восогласен со Неа.

                Зошто малку испаѓа како да ја прозиваме СПЦ за актуелната состојба, кога  знаеме дека силите на злото добро се распоредени насекаде и кога знаеме дека, сепак, во 1967 година административното недоразбирање МПЦ прва го предизвика? Затоа што, на крај, испаѓа дека административно се одделивме за да добиеме можност, како вистински и еднакви по чест браќа, евхаристиски повторно да се пронајдеме. Затоа што, сепак, нашиот архиепископ секогаш го спомнува српскиот патријарх на Големиот Вход од Светата Литургија, а и сите ние го посакуваме тоа евхаристиско единство со СПЦ, но СПЦ, за жал, сега за сега, останува глува и нема на нашите повици. И, нели, СПЦ беше зрелата, канонска и призната наша мајка Црква, преполна со благодатта на Светиот Дух, од која се очекува сите овие атрибути со кои е украсена и во пракса да ги покаже и докаже, односно и во пракса да носи соодветни плодови. Дај Боже!

            По молитвите на свети Николај Мирликиски, Господи Исусе Христе, помилуј нѐ...

            Пресвета Богородице, спаси нѐ сите...!

Митрополит Струмички Наум