Архиерејска Божествена Литургија во чест на свети Константин Кавасила во Охрид
 
 
 
 
 

Архиерејска Божествена Литургија во чест на свети Константин Кавасила во Охрид (31.10.2015 00:03)

„Живот возвишен, блажен, поживеа, и ја украси твојата нарав, на словото благо сопатнику, стана правило на свештениците, ти најблескава ѕвездо на Мизија, но, спомни си сега Константине, за твоето стдао и добри пастири за него испроси“ (тропар на свети Константин Кавасила).

Неизброен е бројот на светиите, запишани во диптихот, но и незапишани, кои светата Црква, научена од Светиот Дух, ги прославува, а преку нив Го велича и Троичниот Бог. Многумина останале и по долго време непрославени, но никогаш не биле заборавени од светата Црква Христова, а и Самиот Бог ги воздигнувал и возвеличувал на разни начини.

И денешниот ден (31.10.2015 година) е еден од тие денови кои се потврда на горенапишаното, зашто денеска за првпат на толку свечен и торжествен начин беше прославен прочуениот Охридски архиепископ, светиот Константин Кавасила, кој никогаш не бил заборавен, но и никогаш не бил толку прославен. Имено, денеска, во катедралниот храм „Св. Софија“ во Охрид, го прославивме споменот на свети Константин, со света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на Митрополитот Струмички г. Наум, Митрополитот Повардарски г. Агатангел, Митрополитот Брегалнички г. Иларион, архимандритите Нектариј и Партениј, протоерите Никола Христоски, Димче Ѓорѓиески, Стевчо Тошевски и Игор Никовски, еромонахот Макариј, свештениците Васко Голабоски, Љупчо Симиџиоски, Ромео Петрески, Димче Азески, Ѓорѓи Блажески и Љупчо Бакрачески, протоѓаконите Сашо Ристов, Николче Ѓурѓиноски и Влатко Стојменов и ѓаконите Сашо Целески и Христијан Костоски. Пред крајот на светата Литургија, во отсуство на Неговото Блаженство, г. г. Стефан, Митрополитот Иларион го прочита пригодното слово на нашиот Архиепископ. По Литургијата, беше промовирана и новата книга, посветена на светиот Константин Кавасила, а промотор на книгата беше дипломираниот теолог Виктор Недески, кој воедно е и автор на книгата.

Извор: Дебарско-кичевска епархија