Божествена Литургија на Крстовден во манастирот на светите Петнаесет Тивериополски свештеномаченици во Струмица
 
 
 
 
 

Божествена Литургија на Крстовден во манастирот на светите Петнаесет Тивериополски свештеномаченици во Струмица (27.09.2015 12:27)

Зошто тогаш се плашиме од послушанието?

 

Во минатата беседа рековме дека послушанието кон Бог нема никаква врска со робовскиот и наемничкиот однос. Послушанието е суштинската тајна на нашиот слободен и љубовен личносен однос со Бог. Само во оваа тајна човек расте како слободна личност до бескрајните димензии на боговподобувањето. И само во оваа тајна Бог лично му станува послушен на конкретниот човек и неговите лични желби – како што видовме во примерот со Богородица, како и во житијата на многу други светители на Црквата. Претходно реченото бара дообјаснување.

Да почнеме од крајот: и само во оваа света тајна Бог му станува послушен на човекот. Едноставно кажано, Бог најсмирено, со љубов и доверба му е послушен на човекот од почетокот на неговото создавање. Бог има доверба и му е послушен на секој еден од нас од самото наше зачнување, па сѐ до самото упокојување, и Бог ќе му биде послушен со доверба на секој еден човек до крајот на овој свет и век. Но, ова е опис на само едната страна од односот – што треба да нѐ отрезни и мотивира. И повторно ќе ве прашам: кој кому овде му е послушен? Он нас прв нѐ возљуби, односно ни стана послушен, а не ние Него (види: 1. Јован 4, 10).

Од каде произлегува ова послушание? Бог со Својата безусловна љубов – како најобичен наш слуга или доброволен роб, преку Својата промисла, ги подредува сите случувања во нашиот личен и сечовечки соборен живот на тој начин што тие секогаш да се во функција на нашето спасение (единство и личносен однос со Бог и меѓу себе во Црквата). Притоа, Бог не гледа кој е кој, кој колку Го љуби и Му е послушен, или кој колку Му греши. Прочитајте го само Евангелието или слушајте ја внимателно Светата Литургија: и не се откажа сѐ да направи додека на Небото не нѐ возведе...  

Наша задача е да Му благодариме на Бог за Неговото љубовно послушание кон нас и преку наше слободно, доброволно и аскетско послушание (на првиот степен од духовниот раст – обврзно пред духовниот отец) да Му вратиме со љубов на Неговата љубов – преку исполнувањето на Неговите заповеди. Колку духовно ќе напредуваме и ќе растеме преку овој подвиг, толку повеќе ќе ни се открива тајната на послушанието како личносно растење до бескрајот на боговподобувањето. И толку повеќе ќе согледуваме колку Бог, всушност, ни е послушен во нашиот личен живот, на нашите лични желби. Зошто тогаш се плашиме од послушанието, кога тоа нѐ прави најслични на Бог?

 При овој подвиг, многупати Божјата промисла за наше спасение нема да биде во согласност со нашите желби и очекувања што не се во полза на нашето спасение. Затоа, тајната на нашето послушание се содржи во прифаќањето со благодарност и смирение на Неговата промисла за нас, без оглед колку тоа ни изгледа тешко и бесмислено во дадениот момент. Спомнете си само за разбојникот од крстот кому, откако го прифати со смирение и благодарност своето страдање, му се отворија очите и Го препозна Богочовекот Христос, односно целиот Божји домострој за негово лично спасение[1]. Бескрајната доверба во Бог е нашиот најличносен одговор на Неговата бескрајна доверба во нас.

  Целосрдечното послушание, односно ставањето на умот во процес на исцеление, непоколебливата доверба и слободната и љубовна посветеност на Бог се нашиот проверен личносен одговор на Божјото љубовно послушание кон нас. Проверен личносен однос, обично, не се стекнува преку ноќ. Доволно проверениот личносен однос се потврдува со дарот на умно-срдечната молитва на вториот степен од духовниот развој – просветлување на умот, а послушанието кон човек (кон духовниот отец) престанува.

Битно за нас е да не дозволиме Божјото неотповикливо и безусловно љубовно  послушание кон нас да остане едностран однос, односно однос што ќе ни остане неоткриен, како на распнатиот разбојник одлево, кој хулеше на Него. Двостраниот слободен и љубовен однос е единствената основа за градење на личносен синовски однос со Бог. Оваа тајна, исто така, ќе остане неоткриена и непозната – во овој живот, и за робовите и за наемниците, кои наместо Него ги бараат само Неговите дарови.

Пресвета Богородице, Тебе, Која, ние распнатите како разбојникот оддесно, Те гледаме како сострадуваш под Крстот на кој е распнат Твојот Син – Богочовекот Христос, спаси нѐ сите! Само Ти тоа го можеш.

Митрополит Струмички Наум

 

[1] Види: Лука 23, 40-43.

 


Денес, на празникот Воздвижение на Чесниот Крст – Крстовден, Митрополитот Струмички г. Наум отслужи Божествена Литургија во манастирот на светите Петнаесет Тивериополски свештеномаченици во Струмица. На крајот од Литургијата, на протопрезвитерот Димитар Крцев Владиката му подари свештенички одежди, по повод 40 години од неговата свештеничка служба во Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија.