Божествена Литургија во Водоча
 
 
 
 
 

Божествена Литургија во Водоча (13.09.2015 11:45)

Што е простор на срцето, а што е место на срцето?

 

Во минатонеделната беседа како да остана малку недокажано што е тоа простор на срцето, а што е тоа место на срцето. Ќе почнеме од второто: место на срцето е она место во нашето духовно срце (кое, патем речено, се совпаѓа отприлика и со нашето физичко срце) каде што се пројавува божествената благодат што ја примаме на Светото Крштение и каде што умот природно и молитвено бива привлечен да престојува. Се подразбира дека Божјата благодат ќе се пројави во оној момент кога нашето срце ќе биде доволно очистено од страстите. Потоа, духовно нѐ раководи благодатта, а не духовен отец.

Просторот на срцето е и место во срцето каде што треба молитвено-аскетски да чукаме за да ни се отвори, но, пред сѐ и над сѐ, е природен начин на живот во кој, преку светото Евангелие, сме повикани да ги исполнуваме Божјите заповеди, од кои првата е ставање на умот во процес на исцеление преку целосрдечно послушание. Послушанието е влез во просторот на срцето. Подвигот на послушание кон духовниот отец трае сѐ до откривањето на местото на срцето, но не и после тоа – еднаш засекогаш запаметете го ова. За просторот на срцето поподробно рековме во минатонеделната беседа.  

Со севкупниот начин на нашиот живот и подвиг постојано треба да пребиваме во просторот на срцето. Кога сме надвор од тој подвиг, пребиваме во просторот на илузијата. Сѐ што е надвор од просторот на срцето е илузија. Тоа се случува кога искушенијата не ги прифаќаме како дар Божји; кога не Му благодариме на Бог за тоа што ни се случува; кога не се самоосудуваме, туку се самооправдуваме и бараме човечка правда; кога сето претходно го покажуваме дека ни се случува со гревовни реакции пред луѓето и демоните – на лице, на збор и на дело; и кога молитвата кон Бог ја прекинуваме.  

Да се потсетиме уште еднаш: кога се самооправдуваме, ние автоматски Го обвинуваме и Бог и некој човек за она што ни се случува и автоматски ја гледаме, ја препознаваме и ја лоцираме вината, односно постоечкиот проблем, надвор од нас – надвор од просторот на нашето духовно срце. Тоа е илузија. Ваквото наше однесување е непремостлива препрека за  очистување на нашето духовно срце од страстите, за пројава на благодатта Божја во местото на срцето и за добивање на дарот на умно-срдечната молитва.

На првиот степен од духовниот развој (очистување на срцето од страстите) мора да се трудиме да пребиваме во просторот на срцето, ако сакаме барем по малку, но континуирано тоа да ни се чисти од страстите, додека истовремено молитвено-аскетски го бараме местото на срцето.

 На вториот степен од духовниот развој (просветлување на умот), просторот на срцето  ни е веќе даден – природно и без голем напор го живееме, а треба да се трудиме молитвено-аскетски да престојуваме во местото на срцето, кое ни е веќе откриено – другото е Божја работа, преку Богородица.

 

Митрополит Струмички Наум