Поддржувачи на незнаењето
 
 
 
 
 

Поддржувачи на незнаењето (23.08.2015 17:14)

На минатата неделна Литургија ви објаснував како илузијата е активирана и посеопфатна состојба на прелест, како и душевно-телесна обессиленост поради отсуство на благодатта Божја во нас. Основа на илузијата се, како што рековме, неочистените страсти од срцето. Во времето и просторот (заедно и со објектот) на илузијата влегуваме во моментот кога ќе се согласиме и ќе ја прифатиме демонската гревовна помисла во своето срце.

Поопасна и понезабележлива за нас е илузијата што нѐ опфаќа во вид на еуфорија или нервоза (кога бараме човечка правда) – најчесто во таква состојба правиме грев. Позабележлива за нас е илузијата што нѐ опфаќа во вид на духовна затемнетост и депресија поради претрпена повреда од некого. Како и да е, најкарактеристично за состојбата на илузија е отсуството на Божјата благодат и отсуството на сопствена сила самите да се извлечеме од гревовната состојба. А најчесто и свеста дека сме во илузија.

Што треба да направиме за да се спасиме од оваа гревовна и демонска состојба наречена илузија, откако ќе бидеме заробени од неа, а што најчесто не правиме? Под услов навреме да се освестиме и да ја забележиме – пред или откако веќе сме го направиле гревот.

Најлесно е, изгледа, да побараме помош од нашиот духовен отец. Исповедта пред духовниот отец – поврзана со аскетско покајание, најчесто целосно ја обессилува илузијата, зашто го отвораме срцето, односно го откриваме местото од каде што илузијата дејствува, за истото повторно да биде заземено од Божјата благодат. Реков: најлесно е, изгледа, за оние што немаат свештенички чинови, иако и тие се збунуваат и се губат во дадената ситуација; но многу тешко е, изгледа, за оние што имаат свештенички чинови – посебно за оние со највисоките, кои вообичаено кај никого не се исповедаат, а неопходно е.  

Второ, ако некој чул за петте контролни точки, или ги памти, преку кои се надминува секое искушение (кога човек е во послушание), арно – треба само да ги спроведе во дело. Ако не чул, ќе се задржам само на третата – самоосудувањето. Односно, треба да си одговориме на прашањето: ја бараме ли ние, како христијани, Божјата правда или човечката? Кој бара човечка правда, не може себеси да се нарече христијанин. Кога во моментот на некое искушение или повреда од страна на некој друг се проверуваме дали во тој момент нашите мисли, чувства, зборови и дела се слични на Христовите, и се поправаме себеси според тоа (не тој што нѐ повредил), тогаш бараме Божја правда.

И трето, кое произлегува од второто: барајќи ја Божјата правда, ние секогаш – ама баш  секогаш, проблемот го пронаоѓаме во себе, а не во другиот. Оној што проблемот го пронаоѓа во другиот, отпаѓа од Христовиот пат. Кога веќе проблемот го пронаоѓаме во себе, ние се поправаме. Колку некој треба да е отпаднат од Христос за да не го сфати ова? Многу.

За жал, илузијата ја има таа сила над нас – сето ова погореобјаснето во најпотребниот момент да го заборавиме. Затоа, Отците инсистираат на аскетски подвиг – прво да научиме и запаметиме, а потоа и да го восогласиме нашето однесување, нашите зборови, мисли и чувства со Христовите, иако во моментот на илузија ништо од тоа ниту чувствуваме ниту сакаме да направиме. Но, прво да научиме и да запаметиме што е илузија и како да се избавиме од неа! Светите Отци на Црквата не рекле напразно дека незнаењето е најголемото зло. Јас би додал: и тие што на кој било начин го поддржуваат.

Митрополит Струмички Наум