Божествена Литургија во Водоча
 
 
 
 
 

Божествена Литургија во Водоча (19.08.2015 11:52)

 

Слепи при очи

 

Ако сакаме да говориме за нешто што нема врска со нас, тогаш зборуваме само за преображението Господово, и само тоа го „славиме“. Ако сакаме преображението Господово да има суштинска врска со нас, тогаш треба да зборуваме за преображението на светите Апостоли, и тоа заедно да го славиме. Ама вистински, постојано преобразувајќи се, од очистување во просветлување и од просветлување во боговподобување. Оти ништо не Mу се додаде на Оној што имаше сѐ од самото воплотување, туку на оние (затоа и нам) што ништо немаа, а кои одеднаш ги видоа со своите преобразени очи Богочовекот Христос – Каков што Е, Мојсеј и Илија – какви што се, како и гората Тавор и сѐ околу нив – какво што е, во несоздадената божествена Светлина. Затоа, Господи, добро ни е тука…

Три вистини и овој пат ќе ви предочам и нагласам, кои сакам да ни останат во сеќавање, од овој ден; и, дај Боже, да ги претвориме во пракса, да останат освестен дел од нашето секојдневие:

Прво, не треба да заборавиме дека ние не сме енергетски самостојни битија, ниту материјално ниту духовно, и дека нашето вистинско постоење зависи од друг енергетски Извор. А ние, всушност, сосем погрешно, живееме како да сме енергетски самостојни битија. На пример: без молитва, без причест со Христос итн., итн...

Второ, ние никогаш не можеме толку совршено да се подвизуваме колку што тоа може да ни го „намести“ Божјата промисла. Само Бог може да направи услови за подвиг во кој ќе се стекнеме со вистинско смирение, а оттука па натаму, и со сите дарови Божји. Нашите подвизи се поврзани со малку суета, дури и кога се во послушание.

И трето, не треба да ги потиснуваме страстите, туку да ги преобразуваме. Затоа што потиснатите страсти во поволни за нив услови ќе се вратат назад со уште поголема сила и жестина, а очистените и преобразените ќе функционираат нормално и во најголеми искушенија. Не ли го восогласиме нашиот живот и подвиг во Црквата со степенот на духовниот развој на кој се наоѓаме, со сигурност да знаеме: ние се наоѓаме во процес на потиснување на страстите – во илузија дека живееме духовен живот, а не во процес на преобразување на страстите. А потиснатите страсти сигурно ќе се вратат во вид на некоја душевна или телесна болест. Во секој случај, некако ќе се вратат.

 

Митрополит Струмички Наум