Божествена Литргија во Водоча на празникот на свети Илија
 
 
 
 
 

Божествена Литргија во Водоча на празникот на свети Илија (02.08.2015 20:29)

 

Партиципиент или само медиум

 

Сите ние, посебно свештенството, можеме да бидеме партиципиенти (учесници) во благодатта Божја и, нормално, Негови медиуми (преносители и сведоци на Вистината − Христос) – што е најдобро, или останува да бидеме само обични медиуми. Значи, за да е некој медиум Божји мора да е и партиципиент во благодатта Божја, зашто ако е само медиум на благодатта (ако преку него само се извршуваат Светите Тајни, а самиот тој не се осветува), најчесто нема да значи дека е и медиум на Вистината. Со други зборови, ако некој е само медиум, односно преносител на благодатта, тогаш веќе е сомнително колку тој е преносител и на Вистината, бидејќи учеството во благодатта Божја секогаш е поврзано со познание на Вистината.

Да заклучиме: сите ние или сме сведоци (медиуми) Христови, односно носители на тајната на новозаветното, есхатолошко, царско свештенство, односно го актуелизираме тоа свештенство што го имаме како дар на благодатта од Крштението, односно сме носители на дарот на умно-срдечната молитва и просветленоста на умот, или, ако не сме во послушание, сме обичен медиум – чиј било, а пред сѐ, на своите страсти и на демоните, и како такви − живееме во илузија и стануваме извор на илузија.

Кога се работи за свештено лице − обичен медиум, треба да бидеме внимателни. Ние преку него ја добиваме благодатта и треба да имаме почит кон него, но треба и да внимаваме што таквиот поучува. Иако свештеното лице е само медиум на благодатта, опасноста е во тоа што тој има позиција: тој е и проповедник, ја води Црквата, го поучува народот што го слуша. Така, ако не е партиципиент и ако не е во послушание на својот духовен отец, тогаш демонот лесно може да го користи како свој медиум – соодветно на приемчивоста на аудиториумот.

Ретко кој од свештенството, кој не е партиципиент, има свесно лоша намера − таквите се реткост, но како обични медиуми, не сакајќи се случува да прават голема штета на Црквата. Може да се случи да ги држат клучевите од Царството Небесно, но ниту тие самите да влегуваат ниту другите да ги пуштаат, а да мислат дека се во право. Нормално, никој не сака да верува во такво свештенство, па на крај и во таква Црква. Православната Црква денес е на маргините од интересот на овој свет, бидејќи многу малку сме сочувале, односно многу малку наликуваме на она што Христос ни го предал. Не може да се искривува Христовото учење и да се остане во Вистината – тоа е искривување и отпаѓање од Вистината, тоа е илузија, а не Вистина. Зборот вистина доаѓа од зборот исто. Како Он што ни предал, ние исто да сме и сега – истото Предание да го актуелизираме, и тоа е (В)истина.

Клучно е дека секој што нема да го восогласи својот живот со степенот од духовниот развој на кој се наоѓа, како и со местото и улогата што ги има во Црквата или општеството, ќе отстапи од Божјата благодат и како таков многу лесно може да падне во илузија и да стане медиум на демонот. А медиумот и болната врска со медиумот секогаш создава нова и поголема илузија, или прелест (лажна состојба на умот). Патем речено, три посебни илузии имаат прифатено христијаните во текот на историјата што ги оддалечува од Вистината: поистоветување со државата, поистоветување со нацијата и поистоветување со политичките партии, покрај општата илузија – гревот.

Демонот полека, но сигурно го гради својот свет на илузијата. За таа цел најчесто ги користи јавните личности како медиуми, кои се урнек според кој целиот свет се раководи. Колку поголема позиција има јавната личност, на пример: првосвештеник, политичар, филмска, музичка или спортска ѕвезда, бизнисмен итн. итн, толку е поголема шансата демонот да го користи. Тоа е улогата на медиумот − делува директно на страстите, ги буди страстите и од нашиот живот создава илузија. Илузијата, пак, од своја страна, уште повеќе ги буди страстите и затоа е лесно приемчива и општоприфатена. Целиот свет во илузија живее, која, на крај, се обезбедува со економска и воена моќ, ако се појави отпор кон неа. А Вистината е тесен пат, по кој малкумина врват.

Најголемиот проблем е што луѓето живеат во илузија, а за да се разбие илузијата мора да се појави Вистината, односно носител на Вистината, односно личност – партиципиент во Вистината, која со својата појава во сила ја разбива илузијата и носи покајание. Каде што ќе се појави Вистината, илузијата исчезнува како темнината од светлината, и доаѓаат духовното прогледување и покајанието.

 

Митрополит Струмички Наум

(според записот на сестрите)