Божествена Литургија во Водоча
 
 
 
 
 

Божествена Литургија во Водоча (28.06.2015 12:38)

Откровение во обратна насока

 

Рековме дека треба да ја знаеме разликата помеѓу теолошкото познание што произлегува од љубовната заедница со Бог во отвореното срце, односно од просветленоста на умот преку умно-срдечната молитва, и знаењето (теолошко, схоластичко) што го добиваме само од читање теолошки и други текстови (електронски или печатени). Едното нѐ прави соучесници во Божјиот Домострој на спасението на човекот и светот, а другото постепено нѐ прави демоноподобни (сѐ знаат, ама никого не љубат – освен себе). Резултатите од второто ги гледаме насекаде околу нас.

Живееме во информатичкото општество на глобалното село. Животот се одвива брзо и динамично, а од сите страни сме изложени на нови и нови информации. Преку разните екрани и средства за повеќе еднострана отколку двострана комуникација, демонот го пропуштивме и дома. Просто, во целата збрка забораваме дека ние, христијаните, сме туѓинци во овој свет што го чекаат идното Царство (пред сѐ, внатре во нас), и за кои сѐ дотогаш важат правилата на туѓинување во ваквиот свет. Овој заборав е основната демонска цел.

За жал, правилата за туѓинување, денес, едвај монасите ги сочувуваат – некако. Би требало да се угледаме на нив и да го повратиме барем суверенитетот над нашиот материјален и семеен дом, како предуслов за враќање на суверенитетот над нашето срце. Практично, тоа значи ако не исфрлање – како кај монасите, тогаш барем ригорозно ограничување на информациите што можат да протечат низ нашиот дом, пред сѐ, преку електронските медиуми и средствата за комуникација, како и многу повеќе одвоено време за молитва и соодветно читање.

Се среќаваме со разни информации и од духовниот живот. Треба како пчели мудро да ги одбираме само оние што ни се од духовна полза согласно степенот на нашиот духовен развој, а другите да ги одбегнуваме. Потребни ни се теолошко-догматски информации за храна на разумот – но точно дозирани, иако повеќе ни се потребни аскетско-етички информации или поуки од списите на светите Отци и од житијата на светиите за храна на срцето. Убаво е да го храниме срцето и со жив пример, ама тоа денес е реткост. Ваквиот начин на духовна исхрана треба да ни е поттик кон аскетско-исихастички подвиг за очистување на срцето (и по тоа ќе го препознаеме како полезен), и тој треба да трае сѐ до отворањето на умот за умно-срдечната молитва. Потоа ни следува нов начин на духовна исхрана. 

Потребна е рамнотежа и соодветна пропорција помеѓу знаењето од опит и знаењето од читање. Едното со другото треба да се надополнуваат. Добро е, како што реков, кога преку читањето го поттикнуваме и го освестуваме опитот. Најдобро е откровението во обратна насока – кога опитот ни го открива значењето на напишаното во Евангелието или во делата на светите Отци – како кај просветлените. Најлошо е собирање на знаење без опит во љубовта Божја – како тоа кај демоните.

Дури ни сите информации од животот на Црквата не се важни да ги знаеме. За важните нѐ известува духовниот отец (посебно во манастир). Кај неважните разликуваме: нормални и соблазнителни. Нормалните не треба да нѐ интересираат, исто како и соблазнителните. Кај вториве битен е изворот: дали се од оговарање или сами ги бараме таквите на интернет мрежата. Од лошо – полошо.

За полошото, најдов еден коментар на фејсбук (кој важи и за оговарањето): „Ако тоа (што го читате или слушате) е лага, а вие верувате, тогаш очекувајте со прифаќањето на лагата да влезе и демонот на лагата внатре во вас. А ако е вистина, а вие осудувате, заедно со осудувањето ќе влезе во вас и демонот на осудувањето. И во двата случаја, демонот влегува во вас (за чие влегување веќе сте се подготвиле со покажаната несоодветна заинтересираност), што потоа ќе се случи, сами ќе видите. Христијански, правилно е (ако веќе некако дојде до нас информацијата) да се помолиме за луѓето за кои се пишува (или за кои слушаме), без оглед дали тоа е лага или вистина, Господ да ги помилува, и заедно со молитвата да влезе во нас Духот на љубовта и да нѐ спаси сите“.

Митрополит Струмички Наум