Бдение со Божествена Литургија во црквата на свети Григориј Палама и свети Димитриј во Струмица
 
 
 
 
 

Бдение со Божествена Литургија во црквата на свети Григориј Палама и свети Димитриј во Струмица (21.05.2015 16:56)

Нема послушание – нема Причест!

 

Што во пракса би значело почеток на нашето лично вознесение?

Сме рекле дека првична цел во нашиот духовен живот е да поминеме од противприроден начин на живот во природен, а токму тоа (и ништо друго) е почетокот и на нашето лично вознесување во Христос. Со други зборови, штом го ставиме нашето срце (ум) во процес на исцелување од страстите за да достигнеме просветлување на умот и обожение, истовремено почнува и нашето вознесение. Без овој премин (вознес) – од противприроден во природен начин на живот не е возможно ниту наше вистинско учество во Малиот Вход (во Светата Литургија) на Црквата – пред престолот Божји, ниту вистинско славење на Христовото Вознесение.

Главна карактеристика на почетокот на нашето вознесение, во смисла на спомнатото преминување од противприроден во природен начин на живот, е восогласувањето на начинот на нашиот живот со степенот од духовниот развој на кој се наоѓаме. Да се потсетиме, тоа исто така значеше и восогласување на начинот на нашиот живот со местото и улогата што ги имаме во Црквата. Денес чувствувам потреба да ви освестам уште еден момент: значи, ќе го восогласиме начинот на својот живот не само со местото и улогата на Црквата туку и со местото и улогата што ги имаме во општеството.

Зошто го правам ова освестување и дообјаснување? Забележав на фејсбук наше неоправдано учество во политичките пропаганди, како и поделби меѓу нас врз таа основа. Текстот не е наменет за просветлените (и така на прсти се бројат) и за христијаните по име (оние што не се причестуваат), како и за оние што имаат благослов, туку за оние што се трудат да преминат во природен начин на живот, но искушението на политиканството ги повлекува назад – во противприроден. Особено кога од животно искуство знаеме дека на крај политичарите повторно ќе се договорат, а нам ќе ни остане само гревот на поделбата и нељубовта, поради што никој не можеше да нѐ препознае како Христови ученици. А ако Него не Го сведочиме во овој свет, кого тогаш?  

Да се потсетиме накратко: цел на Црквата е да го преобрази светот, а цел на демоните е од нас – христијаните, да направат свет. Оваа битка се одвива во овој свет и ние не бегаме ниту од светот ниту од самата битка. Просто, нам не ни е дозволено светот да го гледаме низ очите на политичарите и да ја шириме нивната пропаганда (тоа се препознава во едностраноста на ставовите и во немањето самокритичност – обично, на тие на кои им припаѓаме сѐ им оправдуваме, а кај другите сѐ ни изгледа црно), туку ние треба да се трудиме да гледаме на светот како што Христос гледал – со саможртвена љубов, и да ги шириме евангелските пораки за љубов и единство во Христос (оти обличјето на овој свет поминува – 1. Кор. 7, 31). Предуслов за сето тоа е наше лично преобразување во Црквата (просветлување) како здрава и благословена основа за наше сведоштво – во сила, на Христовата љубов како и слобода во и од овој свет – никако пред тоа.

Убаво еден наш брат напишал на фејсбук: „Немаме многу опции: или ќе бидеме со Христос или со другата опција (со овој свет), во која разликуваме две подеднакво опасни групи – онаа што Го предаде на чело со Јуда, и онаа што Го осуди и распна. Нашата (христијанска) забуна е што барајќи ја несвесно сигурноста во овој свет, се определуваме за една од групите од втората опција – најчесто за онаа маскирана во побожен лик, која што всушност Го предаде. (Неверниците најчесто за другата – која што Го осуди и распна.) Кој има уши – нека чуе“.

Нема послушание – нема Причест! Тоа ви е пораката од ноќнешново бдение.

 

Митрополит Струмички Наум