Смрт, добредојде!
 
 
 
 
 

Смрт, добредојде! (10.04.2015 22:50)

Не можам, а да не те дочекам со – добредојде. Кога и да е тоа. Кога и да ти речат. Зашто откако Богочовекот Христос дојде, сѐ од Него е „добредојде“. И ти самата. И сега не си само смрт, туку, во Него, истовремено си и воскресение.

Пред Него – труд, мака, надеж, исчекување. Дури и доброто и убавото не ни беа мили. Како маката да немаше крај, а само доброто и убавото. Очај и бесмисла. Но, по Неговата смрт, ништо веќе не е исто. Затоа, добредојде.

Сега, Он е со нас. Не како кога бевме отуѓени, туку како Негови. Како што вели Апостолот: „И јас веќе не живеам, туку Христос живее во мене“. Токму преку Крстот и преку тебе, смрт, докрај посвоени. Вистински деца Божји. И пак, добредојде.

Ти не ни требаш само на крајот, како премин, како покој, како мир во Него. Не, ти сега си ни најпотребна, како постојано сеќавање на тебе. Слаби сме, паѓаме. Ти најмногу ни помагаш да се освестиме и да се отрезниме. Од гревот. Од опиеноста со овој свет. Големо добредојде.

Но, да бидам искрен, можеш и веднаш да дојдеш. Доволно Го љубиме Господ. Постојано нѐ ранува одвоеноста од нашиот Господ, а длабоката поврзаност со овој свет. Да ти кажам право, душата тоа тешко го поднесува! Знаеш и самата колкупати сме посакале да си веќе била дошла. Но, како ќе ти речат. Главно, добредојде.

Го спомнав светот. Не мислев толку на надворешниот колку на внатрешниот. Светот си е преубав. Говорам за поврзаноста на нашите страсти со световното. За похотта на телото, желбата на очите и гордоста на животот, што кон пад нѐ влечат. Од кои докрај нема да се ослободиме. Колку добредојде.

Види сега, смрт, вака. Сепак, да бидеме на јасно. Немој сѐ уште да глумиш страшна, барем не нам. Па ние во тебе, односно во Христовата смрт и воскресение се крстивме. Па ти си почеток на нашиот живот, на нашиот вечен живот. Ние ништо без тебе не правиме. Ама ти не знаеш колку добредојде.

Не знаеш ли дека ти си суштински дел на нашата молитва? Па ние без тебе не би можеле ни да се молиме. Како умот би го исцелиле? Како со Господ би се соединиле? Нема молитва без смрт за овој свет. Благодатта на молитвата само со тебе во друштво доаѓа. Неразделна е од тебе. Да, смрт, добредојде.

Не само што си неразделив дел, ти си и тема на нашата молитва. Колкупати ли само го понудивме нашиот живот, повикувајќи те тебе, во замена за животот на нашиот ближен. Ти не ни знаеш колку нѐ правиш слични на нашиот возљубен Господ, Богочовекот Исус Христос. Ех, смрт, добредојде.

Дозволи ни, на крај, заедно со Апостолот Павле, на твоја сметка да се пошегуваме: „Смрт, каде ти е осилката? Пеколу, каде ти е победата?“ (1. Кор. 15, 55).

Христос Воскресе!

Митрополит Струмички Наум