Бдение во манастирот во Водоча на Цветници
 
 
 
 
 

Бдение во манастирот во Водоча на Цветници (05.04.2015 11:31)

Религиозна невротичност или
очистување на срцето од страстите

 

Внимавајте, постојат две различни состојби: едната душевна, а другата духовна, кои некои христијани не ги разликуваат и ги мешаат, што на крај, може да испадне на голема штета за нивниот духовен живот и развој. Ние што сакаме да излеземе од атмосферата на прелеста и духовно да растеме – неопходно е да ги разликуваме.  

Да се потсетиме: постојат противприроден, односно душевен, и природен, односно духовен начин на живот. Противприродниот начин на живот го разликуваме во три надолни нивоа на отпаѓање од Бог: неврози, растројства на личноста (социопати, психопати) и психози (кои не се од физиолошка природа). Додека, пак, природниот има три нивоа на развој во Бог: очистување на срцето од страстите, просветлување на умот и обожение (боговподобување).

Еве што сакам денес да научите и запаметите: едно е да сме членови на Црквата со одреден произволен начин на подвиг – што сами си го одредуваме, а друго е да сме членови на Црквата кои начинот на својот живот го имаат восогласено со степенот од духовниот раст на кој се наоѓаат, односно кои својот ум го ставиле во процес на исцеление – преку послушанието кон својот духовен отец.

Запаметете, невозможно е, иако сме членови на Црквата, од противприроден да преминеме во природен начин на живот без да го ставиме нашиот ум во процес на исцеление. Со други зборови, иако формално сме членови на Црквата (крстени, причестени, исповедани итн.), па макар и со најдобри намери, сѐ додека својот ум не го ставиме во процес на исцеление, ние остануваме во областа на неврозите (болеста и душевноста) и не сме ни стапнале на првиот степен од духовниот развој – очистување на срцето од страстите. За жал, мнозинството христијани денес пробуваат да се самораководат во духовниот живот каков што тие си го замислиле, и остануваат во областа на неврозата.     

Но, што е невроза? Неврозата не е ништо друго, туку неспособност на човекот доволно да ги контролира своите мисли и од нив предизвиканите чувства, зборови и дела поради кои бесмислено страда – прво душевно, па потоа и телесно. Зарем ова не е опис на душевната состојба на повеќето христијани денес? Оваа душевна состојба воопшто не е безопасна, зашто е основ и за постепено растројство на личноста. Но, доволно е малку поголема функција во Црквата, некое знаење или способност повеќе од другите и од невроза уште побрзо да се влезе во бесчувствителноста на растројството, маскирана во религиозна наметка.

Зошто го напишав сето ова? Претходниот опис, и на двете состојби, е токму општ опис на болната душевна состојба на повеќето од оние што Го дочекаа и внесоа во слава Богочовекот Христос во Ерусалим, а кои по само неколку дена Го предадоа, на најразлични начини се одрекоа од Него, па дури одбраа Он да биде распнат наместо разбојникот Варава. Забележавте? Ви говорам за многу поопасни душевни состојби од оние што можат да ги имаат атеистите. Бог да нѐ чува сите...

Митрополит Струмички Наум