Божествена Литургија на Лазарева сабота во Водоча
 
 
 
 
 

Божествена Литургија на Лазарева сабота во Водоча (04.04.2015 12:32)

Лекција на восиновување

 

Рековме дека слуга е оној што се наоѓа на првиот степен од духовниот развој – очистување на срцето од страстите. Откако слугата ќе го исполни, во послушание, сето тоа што му било заповедано, тој не смее да очекува благодарност од својот Господар за она што го извршил – тоа му е првата лекција на восиновувањето. Зошто?

Затоа што, ако очекуваме благодарност од Господарот, тогаш ние во себе ќе негуваме наемнички однос и никогаш не ќе можеме да влеземе во тајната на синовскиот однос со Господ. Тајната на синовскиот однос е слободно и љубовно себепринесување на Бог до самозаборав, без притоа да бараме нешто од Него. Од друга страна, и Господ нема намера да нѐ учи да негуваме наемнички однос. Гледајте како нѐ поучува: „Зар ќе му благодари [Господарот] на тој слуга, што ја исполнил неговата заповед? Мислам, не“.

Исто така, рековме дека не само што слугата не смее да очекува благодарност од својот Господар туку тој треба да очекува и карање поради своето несовршенство и со благодарност да го прима, како грижа на својот Господар за него. Сѐ додека Господарот те кара, а ти примаш и се поправаш, има надеж и за твое духовно растење. Тоа е втората лекција на восиновувањето. Зошто?

Затоа што, ако не очекуваме карање и ако не го примаме со благодарност ние во себе повторно ќе негуваме наемнички однос кон Господарот – на дарови ќе се радуваме, а на казни ќе се жалостиме или гневиме. Децата Божји зад сѐ што се случува, па дури тоа изгледало и многу лошо за нив, првенствено Го гледаат и препознаваат Бог, а сѐ што е од Него смирено го примаат како љубов Божја.

Инаку, децата Божји немаат за себе некоја идеја дека се деца Божји, иако јасно ги гледаат даровите на восиновувањето. Нив не ги прави деца Божји идејата за себе дека се деца Божји, туку синовскиот однос што – преку исполнување на Божјите заповеди – го негуваат со Бог. Децата Божји докрај се сметаат себеси за непотребни слуги Божји, свесни за достоинството во кое ни од што претходно постоечко се  издигнати, а последниот суд за својот есхатолошки статус го оставаат на својот Небесен Отец – полагајќи надеж единствено и единствено, не на некакви свои дела, туку исклучиво на Неговата безмерна милост.

Митрополит Струмички Наум