„Ние сме слуги непотребни“
 
 
 
 
 

„Ние сме слуги непотребни“ (03.04.2015 21:47)

(А што сме ние?) 

 

„Зар ќе му благодари [Господарот] на тој слуга, што ја исполнил неговата заповед? Мислам, не. Па така и вие, кога исполните сè што ви е заповедано, речете: ’Ние сме слуги непотребни, оти го извршивме она што бевме должни да го извршиме‘“ (Лука 17, 9-10).

Еден потсетник. Оние што исполниле сѐ што им било заповедано, должни се да се сметаат за слуги, веќе непотребни. А што се оние што не го извршиле она што биле должни да го извршат? И уште едно прашање: а што сме ние кои понекогаш свесно правиме и спротивно од она што сме должни да извршиме?

Разбирливо е дека во животот ќе имаме сопнувања и падови, и повторно подадена рака и исправање, време на посета на благодатта и период на нејзино отсуство, часови на очај и моменти во кои се раѓа нова надеж итн., но потребен е и колку-толку постојан подвиг и многу смирено мислење за самите себе ако сакаме духовно да растеме.

Духовниот раст ни се овозможува само ако зад сето она што ни се случува, Го гледаме Бог Кој љубовно и непрестајно бдее над секој еден од нас. А како се препознава оној кој зад сѐ Го гледа Бог? По восогласувањето на начинот на својот живот со степенот на духовниот развој на кој се наоѓа, односно по ставањето на својот ум во процес на исцеление, преку послушание. 

Добро, да се вратиме на нашата тема. Слуга Божји може да биде само робот или наемникот. Детето Божјо не може да биде и слуга Божји, пошто е дете. Не дека детето не ги исполнува заповедите Божји, туку тоа го прави со однос кон својот Отец Небесен суштински различен од односот на еден слуга. Слуги Божји се раѓаме, но деца Божји сами стануваме.

Слуга е оној што се наоѓа на првиот степен од духовниот развој – очистување на срцето од страстите. Откако слугата ќе го исполни, во послушание, сето тоа што му било заповедано, тој не смее да очекува благодарност од својот Господар за она што го извршил – тоа му е првата лекција на восиновувањето.

Не само што слугата не смее да очекува благодарност од својот Господар туку тој треба да очекува и карање поради своето несовршенство и со благодарност да го прима, како грижа на својот Господар за него. Сѐ додека Господарот те кара, а ти примаш и се поправаш, има надеж и за твое растење. Тоа е втората лекција на восиновувањето.

Митрополит Струмички Наум