Божествена Литургија во Водоча
 
 
 
 
 

Божествена Литургија во Водоча (22.03.2015 11:01)

Повикот на свети Јован Лествичник

 

Бог е совршен, и како совршен, сѐ што прави – прави совршено. Кога Бог го направи човекот, всушност направи бог – иако не по природа. Го направи богочовек, кој треба да стане син Божји – по благодат, односно му постави цел: од лик Божји да порасне до подобие Божјо, што значи да стане обожена личност која се удостојува со рамноправно учество во предвечниот Божествен совет на трите Личности – Отецот и Синот и Светиот Дух. Ако некому не му е јасно за што говориме, нека се потсети само на Пресвета Богородица и Секогашдева Марија.

Бог го направи човекот глава на сѐ создадено – и духовно и материјално. Тоа што нам, денес, едно создание Божјо ни изгледа понесовршено или поневредно од некое друго, или дури ништожно во однос на некое друго создание, е само наш проблем – на соодветна отпаднатост од Несоздадениот Бог; на отпаднатост од совршената хармонична целина на создаденото – на буквално пресоздаденото преку Очевиот Домострој на спасението во Светиот Дух, чија Глава е сега воплотениот Син Божји – Богочовекот Исус Христос.

Човекот е создаден бог со самото тоа што на Бог може да му рече „не“. Но, едно е на Бог да Му речеш „не“ од позиција на паднатост и гревовност, а друго е на Бог да Му кажеш „не“ од позиција на син Божји по благодат. Преку првото човек постепено се демонизира, а преку второто покажува дека се реализирал. А Бог е љубов и подеднакво го љуби и првиот и вториот, само што вториот возвратил на Неговата љубов и изградил личен однос со Него. Личносниот однос ја прави разликата меѓу нас, а не Божјата љубов.

Почнав да пишувам за светиот отец наш Јован Лествичник и како вон себе се фатив за крајот на неговата Лествица, но светителот смирено нѐ повикува на нејзиниот почеток: „Оној што наполно се одрекол од самоволието, дури и во нешта што му изгледаат добри, духовни и богоугодни, стасал на целта уште пред да зачекори“. Гледате, почетокот е сепак во послушанието – во ставањето на умот во процес на исцеление. А почетната цел е да поминеме од противприроден во природен начин на постоење, од демоноопседнатост во почетна позиција на восиновено дете Божјо во Црквата – другото е лесно.

 

Митрополит Струмички Наум