Односот со Бог не е едностран однос
 
 
 
 
 

Односот со Бог не е едностран однос (20.03.2015 11:56)

Крстот Христов е личносен однос  (трет дел)

 

Прифаќањето и благодарењето на Бог за тоа што ни се случува, не значи и помирување со некаква „судбина“, дека „така ни било пишано“, дека така ни било „од Бога дадено“, и дека ние не можеме ништо од тоа што ни се случува да промениме. Прифаќањето и благодарноста кон Бог за нашите страдања не е пасивен едностран однос, туку основен почеток на еден нов однос со Бог, кој самиот по себе во суштина на подобро ги менува работите – не само како однос кон самите нив, туку и во реалниот живот. Изгледа антиномично (како да противречи едно на друго, но не е), како и сѐ друго во односот со Бог и во животот во Него – во ист момент ни се случува и Крст и Воскресение, и радост и тага, и давање на Бог и добивање Негово, и богооставеност и вонредна благодат итн.

Прифаќањето, како подвиг, е најпотребно на првиот степен од духовниот развој – очистување на срцето од страстите. Нема прифаќање ако нашиот ум не го ставиме во процес на исцеление преку послушанието кон духовниот отец. И нема прифаќање ако начинот на нашиот живот не го восогласиме со степенот на духовниот раст на кој се наоѓаме, како и со местото што го имаме во Црквата. Нема ли прифаќање со благодарност, нашиот однос со Бог е погрешен и немаме постојана животна радост. Што е најлошо, погрешно поставениот однос не може да се развива во вистински правец.

Веќе на вториот степен од духовниот развој – просветлување на умот, се стекнуваме со одредена слобода пред Бог. Тогаш не само што нашите главни планови често ќе се совпаѓаат и со Божјите планови, иако не секогаш во она време што ние го очекуваме (за ова веќе сме говореле), туку веќе го добиваме дарот Божји сами, во своето срце – во областа на Царството Небесно, да го подготвиме она што ќе сакаме да ни се случи. Ви говорам за благодатниот подвиг на аскетската умно-срдечна молитва. На степенот на просветлување веќе ги гледаме плодовите од правилно поставениот однос со Бог – кој правилно го поставивме на степенот на очистување на срцето од страстите.

На третиот степен од духовниот развој – обожение или боговподобување, чедата Божји се стекнуваат со голема лична слобода пред Бог, така што понекогаш се случува и Божјите планови да ги променат; како што сме читале и во Житијата на нашите светители.

            Нашиот однос со Бог е жив однос, нешто прифаќаме со благодарност, со друго недвојбено се согласуваме, за трето љубовно се бунтуваме и бараме да се промени – сѐ зависи од тоа колку е изграден нашиот однос со Него; и обратно. Нема боголикост и богоподобност на човекот, нема вистинска слобода и љубов во односот помеѓу човекот и Бог, нема вистински однос помеѓу човекот и Бог ако човекот нема можност да ја промени и Божјата волја. Нема човек и нема Бог – нема Богочовек. Толку.

                                                                                                                                 Митрополит Струмички Наум