Крстот Христов е личносен однос (втор дел)
 
 
 
 
 

Крстот Христов е личносен однос (втор дел) (18.03.2015 15:53)

Сѐ е благодат Божја

 

Во претходната беседа рековме дека во секое страдање (крст) треба првенствено да Го препознаеме Христос и да го надградиме нашиот личносен однос со Него. Самото страдање е реално, но како некакво си измачување останува во втор план, бидејќи преку неговото прифаќање и благодарење тоа станува извор на радост од новоостварениот и надградениот однос со нашиот Господ. Секое друго страдање е бесмислено. Без радоста на Воскресението.

Ајде малку да го дообјасниме претходно напишаното. Бог комуницира со нас преку Својата несоздадена енергија (благодат). Делото, зборот, промислата и волјата Христови со кои Бог, односно Богочовекот Христос, комуницира (општи, заедничари) со нас се несоздадена енергија Божја. Ќе ги примиме (прифатиме) како што ги прими жената Хананејка или како праведниот Јов, или ќе ги одбиеме? Ќе го примиме (прифатиме) начинот на кој Бог решил да комуницира со нас, па колку тоа и да ни изгледа лошо, или ќе го одбиеме? Ќе Го примиме во себе Самиот Бог или ќе Го одбиеме?

Еве го и примерот со праведниот Јов: „Зар уште си цврст во добротата своја, похули на Бог и умри!“ – му вели жена му. „Говориш како безумна, зар доброто го примаме од Бог, а злото да не го примаме?“ Во сето тоа Јов не згреши со устата своја (Јов 2, 9–10). Како и:  „Гол излегов од утробата на мајка ми, гол и ќе се вратам. Господ даде, Господ зеде; како што Му е угодно на Господ, така и станува. Нека е благословено Името Господово!“ (Јов 1, 21). Не знам кој овие редови може да ги прочита без солзи...

Праведниот Јов е од Бог истакнат пример во Светото Писмо за правилен, синовски однос кон Бог. Тој го прифаќа и Му благодари на Бог за своето страдање. Сме рекле и другпат, знак дека искушението (страдањето) е прифатено како дар Божји е кога без тоа самото воопшто да се промени – освен нашиот став кон него, тоа нам ни станува извор на радост, утеха и Божја благодат.

Од правилниот однос кон Бог произлегува и правилен став кон нашето страдање. Ако некое страдање (крст) ни предизвикува очај наместо радост, тоа е знак дека треба да го смениме нашиот однос со Бог, односно знак дека нашиот однос со Бог е сигурно погрешен. Од крстот треба да ни произлегува радост од надградениот однос со Бог, а не очај.  

Зошто не го потенцирам и среќниот завршеток на житието на светиот и праведен Јов?  Децата Божји не се наемници. Нив не ги интересираат среќни завршетоци, не им треба таков вид мотивација. Нив ги води љубовта кон својот Небесен Отец. И ништо друго.

Митрополит Струмички Наум