Крстот Христов е личносен однос
 
 
 
 
 

Крстот Христов е личносен однос (15.03.2015 22:02)

Човекот е создаден лик Божји со повик да стане подобие Божјо − личност. За таа цел, тој е надарен со совршен потенцијал – сопствен и Божји. Човекот е словесен, што значи дека има ум и разум да комуницира со Бог и со луѓето (и со целото создание Божјо), како и да го организира својот живот; има сила да љуби и да ја препознае љубовта и што е најважно, има апсолутна слобода да одлучи како ќе го употреби − или не, севкупниот свој потенцијал. Лично јас, во слободата најмногу го препознавам ликот Божји во човекот, зашто ни љубовта не би била љубов без слободата. Бог го создаде токму таков човекот и само Бог може да го исполни – и никој и ништо друго.

Зошто велиме дека Крстот Христов е личносен однос?  

Секој од нас го носи својот крст (страдање), оргинален и личен, но и соборен – ова да не го изумиме. Сепак, многу е битно како го носиме. Дали преку нашиот крст учествуваме во Крстот Христов − во Црквата, или се случува некое бесмислено страдање што не води кон воскресение? Ако е веќе учество во Крстот Христов, дали е ефективно, односно дали го имаме восогласено начинот на нашиот живот со степенот од духовниот развој на кој се наоѓаме или импровизираме духовен живот? Како ќе препознаеме дали импровизираме или не? Ако правилно го носиме нашиот крст, тогаш секако ќе ни се отворат очите да видиме дека главниот фокус при страдањето не е на самото наше страдање, туку на нашиот личносен однос со Богочовекот Христос, однос што токму преку страдањето го градиме. Ако нашето внимание (фокус) се задржи, главно, на страдањето и не Го препознаеме Бог во истото, тоа значи дека сме повеќе самољубиви, а нашиот духовен живот е импровизиран. И двата вида однесување се лесно препознатливи.

Значи, да запаметиме, во секое страдање првенствено Го препознаваме Христос и го надградуваме нашиот личносен однос со Него. Самото страдање е реално, но останува во втор план, бидејќи преку прифаќањето и благодарењето тоа станува извор на радост од новоостварениот и надградениот однос со нашиот Господ. Секое друго страдање е бесмислено.

Да разгледаме еден позитивен пример за кажаното. Се сеќавате сите на жената Хананејка и низ што помина таа, молејќи за здравје на нејзината ќерка. Прво, таа го прифати Христовото однесување − постапка на крајно игнорирање кон неа, односно го прифати Неговото дело (но Он не ѝ одврати ниту збор). Второ, го прифати Неговиот збор − крајно навредлив за неа („Не е добро да се земе лебот од децата и да се фрли на кучињата“). Трето, таа ги прифати Неговата волја и промисла − да помине низ процес на крајно понижување („Да, Господи, но и кучињата јадат од трошките што паѓаат од трпезата на нивните господари“). И бидејќи ги прифати делото, зборот, промислата и волјата Христови, неизбежно веднаш ја прими и благодатта Христова, а со тоа (што е најважно од сѐ) оствари реална и нова личносна заедница со Него. Нејзината молба веќе имаше друг квалитет и вредност пред Него: И во тој час оздраве ќерката нејзина (види: Матеј 15, 22-27). Во овој пример го гледаме и страдањето (смирението), но, пред сѐ, ја гледаме борбата за остварување на личносен однос – упорниот молитвен подвиг.

Дали е ова сѐ? Не!

Жената Хананејка го доби тоа што го бараше. Децата Божји треба да поминат и низ потполна (крајна) богооставеност, оставени сами на себе, за да го откријат своето синовство. Богочовекот Христос ги изговорил овие зборови: „Боже Мој, Боже Мој, зошто Си Ме оставил?” (Матеј 27, 46) само заради нас – да ни покаже низ што ќе поминеме и да ни овозможи сила тоа да го поминеме. Затоа што тоа страдање ќе ни изгледа невозможно да го надминеме: „Оче Мој, ако е можно, нека Ме одмине оваа чаша; но не како Јас што сакам, туку како Ти“ (Матеј 26, 39). Оној што, при својот подвиг, не ја доживеал крајната богооставеност (барем внатрешно) со прифаќање и благодарност, никогаш нема да сфати дека Христос му е буквално сѐ; и оној што,  при својот подвиг, нема да изгуби сѐ (и надворешно) со прифаќање и благодарност, нема да ја доживее и препознае љубовта на својот Небесен Отец.

Само тогаш се случува средба личност со Личност, кога нема ништо за тебе на овој свет – ни видливо, ни невидливо, ни благодат − ништо; едноставно го прифаќаш и благодариш за тоа, а личносниот однос со Бог и со сите Светии се продлабочува бескрајно. И при смртта само тоа ќе ни остане. Само личносниот однос, и ништо друго.

Митрополит Струмички Наум