Коефициент на духовна интелигенција (втор дел)
 
 
 
 
 

Коефициент на духовна интелигенција (втор дел) (11.03.2015 09:51)

Во претходната беседа ви реков дека наместо постепеното совладување (една по една)  на точките преку кои се надминува секое искушение – процес што е карактеристичен за почетниците во православниот духовен живот, можеме да се обидеме веднаш – на пократок начин, преку молитвата, да ја пренасочиме енергијата кон Бог и умот да профункционира во својата примарна функција. Знаеме веќе дека само ваквото дејствување на умот, преку содејство на Божјата енергија (благодат), ја преобразува неговата енергија – во што и се состои нашето спасение. Уште рековме дека преку времето, поминато во чиста молитва, што ќе ни биде потребно да ја надминеме бурната внатрешна состојба (помисли, чувства) после слученото искушение, можеме емпириски да го измериме и коефициентот на нашата духовна интелигенција; можно е и научно истражување, како и табеларен приказ.

Што е всушност коефициент на духовна интелигенција? Коефициент на духовна интелигенција е нашата способност преобразена од Божјата благодат, а стекната преку долготраен подвиг и од него произлезен опит, правилно и брзо да го надминеме секое искушение што ни се испречува пред нашиот раст додека не стигнеме до единство во верата и познавање на Синот Божји, до состојба на совршен маж, до мера на полната возраст на Христовото совршенство (Ефес. 4, 13). Практично, тоа значи дека со една мисла поминуваме низ сите останати точки (прифаќање, благодарење, самоосудување и смиреност), бидејќи нашиот ум и нашата душа преку досегашниот подвиг ги имаат веќе усвоено, и веднаш преоѓаме на четвртата точка – усрдно и концентрирано (чисто од други помисли) кажување во себе (или наглас) на молитвата: „Господи Исусе Христе, помилуј ме грешниот“ или „помилуј нѐ“.

 Исто така, нагласив дека краткиот начин што го опишав не е и не може да функционира како обична психо-ментална техника (од типот на некои безлични медитации), туку овој подвиг мора да се заснова на личносниот однос со Личниот Бог, внатре во Црквата – преку Нејзините Свети Тајни, и да води кон негово продлабочување преку постојано покајание (преумување).

            Претходнава опомена ја нагласивме затоа што погореопишаниот начин може да заличи на некаква психо-ментална техника, во очите на неопитните, главно од две причини: прво, брзината со која ја изговараме молитвата зависи од интензитетот на помислите преку кои демонот нѐ напаѓа – така што, на почеток, молитвата најчестo ја кажуваме забрзано, а по потреба и наглас, па дури потоа ја нормализираме; и второ, умот не смее да биде расеан, туку неопходно е неговата енергија максимално да е концентрирана во зборовите на молитвата,  кои треба јасно да се изговараат – посебно кога ги изговараме внатре во себе, во нашето срце.

            Како што веќе предупредивме, овој начин на молитва може некому да му заличи на некаква медитативна техника – но не е. Не е исто, главно, од две причини: прво, Му се обраќаме на единствениот вистински Бог – Синот Божји, Богочовекот Исус Христос, кон Кого и ја насочуваме енергијата на нашиот ум (која никој и ништо друго создадено не може да ја преобрази); и второ, молитвениот подвиг мора секогаш да е во покајание и плач – пред сѐ како внатрешно чувство; кое го следи целиот наш жив однос со Живиот Бог, како со збор така и на дело.

            Нагласивме, молитвениот подвиг да ни биде во покајание и плач, ама покајание и плач во слободата и љубовта на децата Божји, не на наемниците или робовите. Тие, и да се обидат, не можат да имаат вистинско покајание и плач, како што може да имаат децата Божји – кои ништо не бараат освен својот Небесен Отец.

Митрополит Струмички Наум