Сеноќно бдение на празникот Сретение Господово
 
 
 
 
 

Сеноќно бдение на празникот Сретение Господово (15.02.2015 20:13)

Едно поинакво Сретение

 

Сакам да споделам некои мисли со вас што ги размислував пред да дојдам тука. Да се потсетиме на она што сум го зборувал за разликата меѓу двете функции на умот: примарната – преку која се соединуваме со Бог, и секундарната – кога комуницираме и се соединуваме со овој свет, односно со неговите проблеми, со животот воопшто и кога размислуваме околу тоа.

Светите Отци го делат историскиот период од постоењето на Црквата на: „Сенка“ – како што го нарекуваат Стариот Завет, на „Икона“ – како што го нарекуваат нашиот период на Новиот Завет, и на „Вистина“, односно Царството Небесно. Примарната функција на умот, т.е. кога го насочуваме умот кон Бог и стапуваме во заедница со Него, ни дозволува еден предвкус на таа „Вистина“. Не на самата „Икона“, туку токму на „Вистината“.

Ако сакате малку да помолчиме, насочете го својот ум кон Бог преку молитвата: „Господи Исусе Христе, помилуј нѐ“. Учете ја таа примарна функција на умот... И сега свртете се пак кон ова што јас го кажувам. Сега ќе отстапите од таа примарна функција и ќе го вклучите умот во секундарната функција за да ме слушате мене и да размислите и да пробате да ме сфатите што зборувам. Така, веќе ја вклучувате секундарната функција на умот. И едно е сега во молитвата директно да се комуницира со Господ – преку примарната функција, а друго е да ме слушате мене – преку секундарната функција на умот, за комуникација со овој свет.

Повторно да се вратиме на она „Икона“, „Вистина“... Гледате, Епископот е икона Христова кој е на место и во обличје Христово. Едно е да комуницирате со мене, да ме слушате што зборувам, а друго е да си комуницирате со Бог – што е многу поубаво и покорисно за вас, за вашата душа. Нели сѐ си има свој ред и поредок: не може и овој живот да го живееме без Епископот, без Црквата и тоа што таа ни го пружа. Сакам чисто преку споредба да ви покажам: едно е преку примарната функција на умот да се соединуваме со Господ постојано, и оттука да го црпиме вистинското знаење, а друго е преку неговата икона – Епископот. А и не само Епископот, туку и сѐ што е создадено од Бог (целиот создаден свет) е на некој начин Негова икона – целата таа хармонија, убавина, сѐ што има начин на живот, постоење; зашто човекот е создаден како круна, како глава на сето создадено, и материјално и духовно (имаме и душа, имаме и тело), и целиот свет таа слава Божја ја покажува. Сѐ создадено е отсјај на славата Божја, и светите Отци ова согледување го нарекуваат „природно созерцување“ – преку својот разум да ја гледаме таа убавина што е создадена од Бог и преку тоа да Го спознаваме Бог.

Но, сепак покажале и друг пат, односно посовршен начин на познание на Бог, преку заедница со Него, и со вклучување на примарната функција на умот, односно директна комуникација со Бог – личност со Личност. Но, тоа секако не може да биде надвор од Црквата, како што може да биде внатре во Црквата. Друго е да си причестен и соединет со Бог, а друго е како свети Симеон да Го примаш Бог само во прегратките. Гледате колку ние сме поудостоени од самиот свети Симеон Богопримец, т.е. Новозаветната Црква Божја во однос на Старозаветната Црква. Тој е удостоен со тоа да Го прими во прегратките, а не како што ние совршено се соединуваме со Него на секоја Литургија на Црквата, која што е предвкус на идното Царство, и икона на Царството, како и самото Царство – токму заради Причеста што ја имаме во неа. За да ни се отворат духовните очи сето ова да го разбереме, навистина треба да ја вклучиме таа примарна функција на умот и директно да комуницираме со Вистината личносно. И сега вие самите измерете си колку во текот на денот тоа го правите: дали е тоа пет минути, или повеќе или помалку. И гледате колку е важно да го имаме тоа, затоа што, како што пишував, ако функционираме само со секундарната функција на умот, а тоа значи само со  разумот во овој свет − и бидејќи духовно раслабени и сѐ уште неисправени како што треба − овој свет ги поттикнува страстите во нас, и нѐ заробува во таа комуникација. А колку повеќе ќе ја вклучуваме примарната функција на умот, т.е. директната комуникација со Господ, толку овој свет губи на сила − да ги буди страстите во нас, и толку повеќе може да го видиме како создание Божјо и како икона, и на крај, како идното Царство.

Од ова Сретение, од овој празник, запаметете го ова и обидете се во вашиот живот да го спроведете, оти немаме повистинско Сретение од тоа да ја вклучиме примарната функција на умот и да дојдеме овде, на Литургија, за да се причестиме со Светите Тајни Христови. И да не дозволиме овој свет да нѐ повлече надолу, туку преобразувајќи се себеси, односно секундарната преку примарната функција на умот, да го преобразуваме и преобразен да го гледаме и овој свет. И памтете дека многу повеќе сме удостоени од свети Симеон Богопримец и од светата пророчица Ана, како и за соодветната одговорност пред Бог и пред луѓето заради тоа.

И како што честопати нагласувам: не заборавајте ги луѓето што страдаат. Некако можеме да помогнеме – дали ќе подружиме некого, дали со збор, дали ќе му помогнеме повеќе од тоа, секако ќе има начини. Бог не бара од нас нешто што ние не сме способни, односно не можеме да го направиме, очекува тоа што можеме. Така што, не ги заборавајте оние што страдаат.

Кога ќе застанете на молитва, помолете се најпрво за мене, па за непријателите наши, па за оние што страдаат итн. Ние сме го добиле тоа што требало, сме застанале на молитва, сме ја вклучиле примарната функција на умот и веќе сме во заедница со Бог; и нема што да бараме понатаму. Он знае што нам ни е потребно во овој живот. И не занимавајте се со небитностите од овој свет, поарно молете се Бог да направи да биде сѐ за спасение на сите. И така цел свет се занимава со небитности, остана уште и ние, христијаните, да се занимаваме со истото. И по што ќе сме поразлични? Внимавајте што мислите, што зборувате − поарно е да се молите. Господ да ве благослови сите!

 

Митрополит Струмички Наум

(според аудио записот од беседата на бдението)