Бдение во Водоча на празникот на Рождество на Пресвета Богородица
 
 
 
 
 

Бдение во Водоча на празникот на Рождество на Пресвета Богородица (21.09.2014 08:25)

Надминување на дуализмот

Рековме дека со просветлувањето на умот, а со тоа и на разумот (преку дарот на умно-срдечната молитва), конечно се надминува внатрешниот расцеп меѓу основната функција на умот и неговото функционирање како разум, и човековата личност се исцелува. Со други зборови, се случува нов квалитет или ново ниво на православен духовен живот, кое може да се познае само од опит, и кое Отците на Црквата, покрај ‘просветлување на умот’, го нарекле и ‘природен начин на постоење’. 

            Кои се последиците, за нас, од ваквиот начин на постоење?

            Прва, сè она што го работиме, а што истовремено значи исполнување на Божјата волја, станува молитва пред Бог; затоа што просветлениот разум ништо не работи без чувство за присуството Божјо и без да е тоа во Негова слава ‒ без молитвен однос. И обратно, разумот правилно ги поима и артикулира откровенијата Божји на умот; како и ангелските знаци.

Втора, со каква и да е работа зафатен разумот (особено интелектуална), умот (природно) повторно на крајот се враќа на непосредната молитва; затоа што молитвата на овој степен од духовниот раст не е непрестајна, туку е аскетска умно-срдечна молитва, така што енергијата на умот природно тежнее непосредно молитвено да се врати во Бог, преку својата суштина во срцето.

            Трета, внимаваме да не погрешиме со помисла, збор или дело пред Бог или кон некој човек, како и кон природата, затоа што сме многу чувствителни на варијациите на благодатта и, природно, не сакаме да останеме без неа, односно без Него. Љубовта кон непријателите е неопходен и природен подвиг што се случува на степенот на просветлување.

            Четврта, вината за сè секогаш ја пронаоѓаме во нас, затоа што при секое искушение не ја бараме човечката правда (карактеристика на непросветлениот разум), туку Божјата, односно јасно и до болка ја воочуваме нашата, а не нечија друга, несличност со Богочовекот Исус Христос, Кој е нашиот критериум на постоење и на однесување и кон Кој тежнееме да се вподобиме.

            Петта, благи сме и поучуваме, пред сè, со пример. Не го наметнуваме нашето знаење и нашата пракса ‒ иако супериорни и поблиски до изворните, со наредба ‒ и покрај позицијата што ја имаме во Црквата, туку пред сè, со личен пример и молитвено долготрпение. Клучот за вистинското пренесување на светото Предание е личносниот однос – кој не се гради преку ноќ.

            Шеста, кога енергијата на просветлениот ум или кога просветлениот разум ќе го насочиме кон одредена тема, однос, појава или состојба од областа на духовниот живот на Црквата, таа тема, или однос, или појава, или состојба ни стануваат јасни – без претходно да сме размислувале за нив; исто како кога светлината ќе засветли во темнина.        

Седма, покајанието, смислата и силата на молитвата ги црпиме од самата молитва за оние што страдаат. Не се ни молиме за самите себе  ̶  не дека сме се восовршиле, туку слуги сме на сите и веќе сме се самоосудиле. Антиномично, ама за тоа другпат. Итн.

            Внимавајте, разните поделби во нашиот поглед на нештата како: јас ти, јас свет, ние вие,  свето ‒ несвето, храм свет, чисто нечисто, осветено неосветено, заедница раскол, Литургија обична работа итн. итн., да не случајно произлегуваат само од ненадминатиот внатрешен расцеп меѓу основната функција на умот и неговото функционирање  како разум.

            Пресвета Богородице – просветли ја мојата темнина.

Митрополит Струмички Наум