Преображение во Водоча
 
 
 
 
 

Преображение во Водоча (19.08.2014 11:35)

Преобразување на разумот

 

Минатиот пат, деца, допревме една тема која бара кратко дообјаснување. Отприлика  рековме: не го активирајте предвреме својот интелектуален капацитет, на кој многу сте работеле додека не се преобрази со дарот на просветленоста, на кој треба да поработите. Направете смирението и воздржанието во пројавувањето на вашиот интелектуален капацитет да ви станат огин кој срцето многу побрзо ќе го очисти и отвори отколку кај оние што тој капацитет го немаат,  кај оние кои не работеле на себе – во тој поглед. Колку поголемо самопринесување на Бог, толку поголема благодат Божја.

Сме рекле, човечката душа има три сили: една словесна – ум, и две бесловесни – волја и желба. Често, покрај ум, спомнуваме и постоење на разум. Што е разум? Многу е битно, од духовен аспект, да се прави оваа разлика. Да не должам, умот е словесната сила преку која човекот лично и директно комуницира со Бог додека, пак, разумот е дел од умот, функција или алатка на умот, преку која човекот се снаоѓа во овој свет. Во контекст на ова формално разликување, ќе се обидам накратко да ви ја разјаснам темата за интелектуалниот капацитет и дарот на просветленоста.

Различна е храната на умот, од храната на разумот. И, различно е знаењето на умот, од она на разумот. Храна на умот е опитот и заедницата со Бог (светотаинската и молитвената) додека, пак, храна на разумот е овоземното теоретско образование (од која било област на науката и културата, па дури и на теологијата, како и од разните вештини). Знаењето на умот е познанието на Бог (како просветленост или обоженост) додека, пак, знаењето на разумот – само по себе, е само познание на практичниот опит во овоземните науки и вештини, како и во културата.

Има многу за ова да се говори; што е битно за нас? Прво, треба паралелно со хранењето на разумот (преку сетилата) – кое е просто неизбежно во овој свет, да го храниме и умот (преку соединување со несоздадената благодат); што е од суштинско значење за нашето спасение. Погрешно е разумот да го прехрануваме, а умот само да го потхрануваме. И второ, дека постои реална можност за просветлување и на нашиот разум кое се случува преку просветлувањето на самиот ум, преку светлината што произлегува од очистувањето на срцето, односно од опитот во умно-срдечната молитва, нешто кое е многу битен и редок Божји дар за Црквата.

Поголема полза има Црквата од светител кој својот опит може да ни го запише и објасни отколку од светител со ист опит, но кој нема интелектуален капацитет својот опит да го запише и објасни, согласно и современата реалност. Ќе завршам со цитат од Старец Софрониј, кој сето она што го рековме, го заокружува со три реченици: „Некој може да биде многу учен, да има академски дипломи, а да остане крајно неук за патот на спасението. Кога некој има свет и безгрешен живот, интелектуалното знаење може да даде чудесни плодови. Знаењето без љубов не може да го спаси човекот!“

Митрополит Струмички Наум