Прво соборно послание на светиот апостол Јован Богослов
 

 

Прво соборно послание на светиот апостол Јован Богослов

Календар, житија, пости
Почеток
 

1:1-7

1. Она, што беше од почетокот, она што го чувме, она што со очите свои го видовме, што го разгледавме и што рацете наши го опипаа, за Словото на животот -
2. и животот се јави, и видовме, и сведочиме, и ве известуваме за вечниот живот, кој беше во Отецот и нам ни се јави -
3. она што го видовме и го чувме, за тоа ве известуваме, та и вие да имате општење со нас; а нашето општење е со Отецот и Неговиот Син, Исус Христос.
4. И ова ви го пишувам, за да биде радоста ваша полна.
5. А Евангелието, пак, што го чувме од Него и вам ви го предаваме, е тоа дека Бог е светлина, и во Него нема никаква темнина.
6. А ако речеме дека со Него општиме, а одиме во темнина, тогаш лажеме и не постапуваме според вистината.
7. А ако, пак, во светлина одиме, како што е Он самиот во светлина, тоа значи дека ние еден со друг општиме, и крвта на Исуса Христа, Неговиот Син, нe очистува од секаков грев.