12:1-11
1. | Во тоа време цар Ирод кладе рака на некои од Црквата, за да им направи зло, |
2. | и со меч го уби Јакова, братот Јованов. |
3. | А кога виде, дека тоа им се свиде на Јудејците, го фати и Петра, а тогаш беа дните на Бесквасници. |
4. | И, како го задржа, го фрли в затвор и го предаде на четири четворки војници да го пазат, а со мисла веднаш по Пасхата да го изведе пред народот. |
5. | И така, Петар беше пазен во затворот, а Црквата постојано Му се молеше на Бога за него. |
6. | А кога Ирод сакаше да го изведе, ноќта спроти тој ден, Петар спиеше меѓу двајца војници, окован во две вериги, а стражарите пред портата пазеа на затворот. |
7. | И, ете, ангел Господов застана, и светлина блесна во затворот. Ангелот го потчукна Петра по ребрата и го разбуди, па му рече: „Стани брзо!” И веригите му паднаа од рацете негови. |
8. | Тогаш ангелот му рече: „Опаши се и обуј си ги чевлите!” Така и направи. И пак му рече: „Облечи ги алиштата свои и врви по мене!” |
9. | И излезе и тргна по него, а не знаеше дека тоа, што го прави ангелот, е вистина, туку си мислеше оти привид гледа. |
10. | Откако ја изминаа првата и втората стража, дојдоа до железната порта, што водеше кон градот, а таа им се отвори сама; тие излегоа и преминаа преку една улица, и во тој час ангелот го снема. |
11. | Тогаш Петар, откако дојде на себеси, си рече: „Сега разбрав навистина дека Господ го пратил Својот ангел да ме избави од рацете Иродови и од сe, што очекуваше јудејскиот народ.” |